Шведскиот вселенски центар „Есранж“ ќе стане првата платформа за развој на ракетни технологии и лансирање сателити меѓу земјите од Европската Унија. Како што пренесува бриселскиот портал „Еурактив“, се очекува првите сателити, полесни од 150 килограми, да можат да бидат лансирани во орбитата следното лето.
Вселенскиот центар, во близината на градот Кируна во северна Шведска, околу 200 километри северно од Арктичкиот круг, е основан на средината на 1960-тите и оттогаш активно спроведува истражувања.
Според порталот „Арктик тудеј“, капацитетите за тестирање ракети ќе бидат модернизирани и ќе се развиваат технологии на терен, за комуникација со сателити.
Проектот е дел од стратегијата на Шведска за 2018 година да биде лидер во вселенската технологија, која се смета за стратегиско економско добро.
Новата инвестиција во модернизацијата на центарот ќе ја смести Шведска меѓу десетте земји во светот што имаат своја сателитска инфраструктура.
– Со изградбата на космодромот, Шведска ќе стане првото место за лансирање од европско копно, кое ќе им обезбеди на вселенските компании платформа за развој на нивната ракетна технологија во иднина и место за лансирање на нивните сателити – изјави портпаролот на шведската вселенска корпорација, Филип Пелсо.