Научници во Швајцарија сметаат дека ширењето на амброзијата, растение што е крајно штетно за здравјето на луѓето, може се контролира со инсект. Алергиите предизвикани од амброзијата влијаат на околу 13,5 милиони луѓе во Европа, создавајќи околу 7,4 милијарди евра здравствени трошоци и економски загуби годишно, според едно швајцарско научно истражување, пренесува „Би-би-си“. Научниците тврдат дека ширењето на растението може да го контролира инсектот чие латинско име е Ophraella communa. Се смета дека овој тврдокрилен инсект случајно пристигнал во Европа во 2013 година од Северна Америка, од каде што и потекнува растението амброзија, кое се проширило во 30 земји од Пиринејскиот Полуостров до Балканот и Скандинавија.

Поленот од амброзија предизвикува низа симптоми, од кивање до солзење на очите и ги влошува состојбите како што се астма и егзем. Инсектот ги напаѓа лисјата на амброзијата, а истражувања во Италија покажале дека со неговото дејствување, концентрацијата на поленот во амброзијата се намалува за 82 проценти.
Урс Шафнер од центарот за наука ЦАБИ во швајцарскиот град Делемон, заедно со својот тим, ги проучил економските придобивки од контролата на амброзијата со помош на северноамериканскиот инсект. Нивното истражување покажало дека влијанието на амброзијата врз човековото здравје и економијата е значително потценето и дека биолошката контрола со помош на овој инсект може да го ублажи во оние делови на Европа каде што климата е погодна за неговиот живот.