Шатев прв му јавил на Сталин за нападот на Германија!

„Павел Шатев, резидент на Советската разузнавачка служба во Софија, на 20 јуни јавил дека нападот врз Русија ќе се случи на 21, односно 22 јуни. Истиот ден пристигнал и радиограм од Зорге со предупредување дека војната не може да се избегне“, стои во книгата на Жорес и на Рој Медведеви, советски интелектуалци, научници и автори на книгата „Непознатиот Сталин“. Како дознал Шатев за нападот, успевајќи информацијата да ја достави до Кремљ неколку часа пред радиограмот на Зорге, еден од најголемите шпиони во историјата?

 

Шатев ја активирал противавионската
одбрана на Москва!?

Како што е познато, Хитлер го одобрил планот за војна со Русија на 18 декември 1940 година, нарекувајќи го „Операција Барбароса“, според германскиот крал од 12 век, император на Светото Римско Царство. Датумот за инвазија бил фиксиран на 15 мај 1941 година, но во јануари 1941 година, значи само еден месец по одобрувањето на планот од страна на Хитлер, Сталин веќе бил запознаен со основните детали на планот, благодарејќи на прецизните извештаи што ги добивал од советската разузнавачка служба. Еден од разузнавачите, кои испраќале најточни и најрелевантни информации, бил Павел Шатев, агент врбуван од воениот аташе во Софија, Бенедиктов и мајорот на НКВД, Савченко.
Во јануари во разузнавачките кругови веќе се нагодувало со некаков „работен датум“ за почеток на германскиот напад на СССР, но никој со сигурност не можел да потврди дали нападот навистина ќе се случи на 21, односно 22 јуни. Во согласност со наредбата добиена од Високата команда на 10 јуни до копнените сили на Германија, „во 13 часот на 21 јуни војската ќе добие еден од двата сигнала: или ’Дортмунд’, што значи почеток на офанзивата на 21 јуни, како што било планирано, или ’Алтона’, што значи одложување.

Во 13 часот на 21 јуни, значи токму на датумот што го јавил Шатев, единиците на Вармахтот го добиле сигналот ’Дортмунд’. Истиот ден Хитлер го информирал Мусолини за претстојната акција против СССР“. Според авторите на книгата „Непознатиот Сталин“, браќата близнаци Медведев, Хитлер напишал и обраќање до германскиот народ што требало да биде пренесено утрото на 22 јуни. По добивањето на дојавата од Шатев, а веднаш потоа истата потврдена и од други извори, меѓу кои и од Зорге, Сталин му телефонирал на командантот на Московската воена област со наредба да ја стави во состојба на готовност противавионската одбрана на градот. Во меѓувреме персоналот на германската амбасада во Москва ги горел документите во дворот, но и во камините внатре, во резиденцијата, а облаци од чад се кревале во небото. Во врска со ваквите активности во германската амбасада, Сталин бил информиран и од рузузнавачките служби и од Московската противпожарна бригада.

Според книгата на посети што се водела во претседателскиот кабинет во Кремљ, дента кога започнала војната со Германија, во кабинетот на Сталин први, во 5.45 часот, пристигнале Молотов, Берија, Тимошенко, Мехлис и Жуков, а два часа подоцна на оваа група им се придружиле уште и Маленков, Микојан, Каганович, Ворошилов и Вишински. Средбите продолжиле во текот на следните 11 часа, а биле издадени повеќе од 20 различни декрети и наредби, меѓу кои и апел до советскиот народ направен колективно и читан на радиото од страна на Молотов. Во архивата на Сталин се зачувале и одредени траги за тоа дека во годините на Втората светска војна, Павел Шатев е активно вклучен во разузнавачката дејност на советското воено разузнавање, а неговото шпионско име е „Коста“. Во книгата „Империјата ГРУ“ од Александар Колпаки и Димитри Прохоров, не само што е докажано дека Шатев редовно доставувал информации до Сталин туку како прилог е објавен и еден шпионски извештај, потпишан со неговото соработничко име „Коста“.

Шатев: „Му се ставив на располагање
на мајорот на НКВД, Савченко!“

Пред седумдесет години, самиот Шатев, според записникот од сослушувањето во УДБ-а за Македонија во Скопје, направен по неговото апсење на 16 јуни 1949 година „како непријател на државата“, меѓу другото потврдува дека активно соработувал со советската разузнавачка служба:
„Во 1940 година како потпретседател на Друштвото на публицистите бев повикан на еден прием во советската амбасада (во Софија н.з.) и таму се запознав со воениот аташе Бенедиктов. По 1-2 месеца Бенедиктов дојде во мојот стан и ми рече дека му е познато моето минато и ме замоли да му бидам на услуга. Јас му се ставив на располагање. Малку подоцна доведе еден млад човек – Савченко, кој по ослободувањето беше во Софија и во Скопје, мајор на НКВД, и ми нагласи дека врска ќе одржувам со Савченко. Веднаш ми поставија задача да им пронајдам и доставам една поголема карта на Бугарија, што ја пронајдов и им ја доставив. Кога им ја доставив картата, ми поставија задача да им набавам и карта на Југославија. Во меѓувреме ме запозна со полковник Дегачев. Не мина долго време почнаа да ме обучуваат како да ги шифрирам податоците, што подоцна ќе им ги доставувам ним, и ме поврзаа со Димитар Арнаудов, радиотелеграфист. Потоа собраните податоци шифрирани му ги доставував на Арнаудов. Податоците беа од политичко-економски и воен карактер. Така работев до моето апсење во 1942 година“, изјавува Павел Шатев пред истражителите на УДБ-а, додавајќи дека веќе следната година, значи во почетокот на 1941 година, добил задача да префрли една радиостаница во Солун и да се поврзе со Белград, но не успеал во тоа.

„Во една прилика на Савченко му предложив да го минираме бирото за печат во Софија. Со оглед дека бирото беше сместено веднаш до американската амбасада, тој не се согласи. Се договоривме да ја минираме редакцијата на весникот „Зора“, која водеше безобѕирна кампања против СССР. Во разговор со Митко Зафиров дознав дека тој има свој пријател, кој може да го постави динамитот во редакцијата. На Зафиров му го предадов потребниот динамит, а тој му го дал на поетот Коле Неделковски. Неделковски беше талентиран македонски поет и комунист. На определениот ден тој не можеше да ја изврши диверзијата, па динамитот го скрил во својот стан.

Но утредента, во зградата во која тој живеел влегла полицијата, а Коле, гледајќи од четвртиот кат дека доаѓа полиција, го запалил динамитот, скокнал од прозорецот и така загина. Во тоа време добив телеграма од Москва со која бараат да се минира ’Железната врата‘ на Дунав. Ова барање од Москва мене исто така ме зачуди и одговорив со кратка телеграма дека тоа за мене е невозможно“, стои во изјавата на Шатев, кој во октомври 1941 година, значи четири месеци по информацијата дека ноќта меѓу 21 и 22 јуни Германија ќе го нападне СССР, бил уапсен од бугарската фашистичката полиција во Софија под обвинение дека е „во конспиративна врска со чиновници од советската амбасада, од која добива инструкции“, а потоа, во ноември, испратен во „Крстополе“, па во затворот во Хасково.

Блаже Миневски