Илон Маск стана најбогатата личност на светот откако неговото богатство надмина 185 милијарди долари. Тој изби на врвот по вчерашниот нов пораст на вредноста на акциите на „Тесла“, пренесуваат светските медиуми.

Со богатството од 188,5 милијарди американски долари, Маск ја презеде оваа титула од Џеф Безос, основачот на „Амазон“, кој има 1,5 милијарди долари помалку. Тој беше на врвот на листата од 2017. 

Во период од една година богатството на Маск порасна за повеќе од 150 милијарди американски долари. Пазарната вредност на „Тесла“ вчера за првпат стигна до 700 милијарди долари, што значи дека вреди повеќе од „Тојота“, „Фолксваген“, „Хјундаи“, „Џенерал моторс“ и „Форд“ заедно.

– Чудно е да се биде најбогатиот човек на светот. А, сега, назад на работа – напишал Маск на Твитер.

Тој вели дека половина од неговите пари би помогнале да се решат проблемите на Земјата, а со другата половина планира да изгради самоодржлив град на Марс, за да се обезбеди континуитет на животот.