Фото: Маја Јаневска-Илиева

Третиот и најмасовен концерт на Здраво Чолиќ е закажан на 15 јуни од 21 часот на Градскиот стадион. Како што најавија организаторите од продукцијата „Прагма“ поради големата заинтересираност од публиката се одлучиле по трет пат во краток временски период да организираат голем концерт на стадион за да има простор секој што ќе посака да присуствува.

– Повторно се враќам во Македонија во кратко време и чест ми е и задоволство што ќе одржам летен концерт на стадион. Возбудливо е да се биде и да се направи концерт на ваков убав објект. Се надевам дека времето ќе не послужи и ќе и понудиме на публиката убава вечер. Репертоарот генерално е ист. Но енергијата на стадион е посебна, за разлика од концертите на затворен простор. Стадионите се импозантни за концерти. Потполно е различно. На ваков објект и со македонската публика мислам дека тоа ќе биде одличен концерт. Воопшто не е важно дали ќе има 60 или 70 илјади луѓе, дали стадионот ќе биде сосема полн или не, не се битни цифрите, битна е енергијата која се создава – изјави Чолиќ.

Тој на денешната прес-конференција спомна дека токму во Скопје го одржал својот најмасовен концерт.

– Во 2008 година на плоштадот Македонија имаше некоја проценка дека сум настапил пред публика од околу 120 илјади луѓе – додаде Здравко.

Тој најави дека ќе спреми свеж спот пред концертот за една од главните песни на новиот албум „Оно мало среќе“. А се надева дека во иднина еден спот ќе сними и во Македонија.

Како што спомна Кристијан Стефановски од „Прагма“ се очекува над 60.000 публика. Подготвуваат 50-метарска сцена, висока 20 метри, со светлосни ефекти, пиротехника, гудачки оркестар, специјални гости и многу изненадувања. Стефановски најави дека има организиран превоз за концертот од сите градови. А вратите на стадионот ќе бидат отворени од 17 часот. Билетите се пуштени во продажба по цена од 300 денари.

– Со цел да им овозможиме кои сакаат да присуствуваат организиравме превоз од сите градови и формулиравме симболична цена на билетите. Предзивик ни е што работиме на ваков голем концерт и со големо име – рече Стефановски. С.Ј.