Умерената консумација на темно чоколадо значително го намалува ризикот од депресија, заклучила група британски научници. Експерти од Лондонскиот универзитетски колеџ спроведоа истражување во кое учествуваа повеќе од 13 илјади луѓе. Тие се фокусираа на утврдување на врската помеѓу консумирањето чоколадо и појавата на депресија. За да го сторат тоа, на волонтерите им биле поставувани прашања за количеството и видовите слатки што ги јаделе и нивната емоционална состојба, пишува „Дејли меил“.
Истражувачите исто така ги зеле предвид факторите како што се: нивото на физичка активност и присуството на лоши навики, особено пушењето.

Резултатите покажале дека љубителите на темно чоколадо се значително помалку склони кон депресија од оние што воопшто не го јадат. Испитаниците што консумирале темно, горчливо чоколадо, имале 70 проценти помалку знаци на депресија. Покрај тоа, кај една четвртина од учесниците во анкетата што редовно јаделе од 104 до 454 грама од ова слатко, веројатноста за развој на депресија се намалува за 58 проценти во споредба со оние што не го вклучуваат чоколадото во нивната исхрана.

Научниците нагласуваат дека само чоколадото со висок процент на какао има таков ефект. Постојат голем број механизми со кои чоколадото може да ја спречи појавата на депресија или да ги намали нејзините симптоми. Истражувачите велат дека тајната е во тоа што горчливото чоколадо содржи специјални состојки што имаат одреден ефект врз човечката психа.