Човечкото тело може да послужи како батерија за електрични уреди, открија научници од Кина и од САД. Тие направиле уред што ја претвора топлината на човечкото тело во електрична енергија. Овој уред може да се носи како прстен, нараквица или на друг начин за да биде во допир со кожата. Енергијата што ја генерира е доволна за да работи паметниот часовник или сличен уред.
Новиот уред е флексибилен, сам се санира кога е оштетен, може да се рециклира и не мора да се дополнува со електрична енергија од електричната мрежа, пишува научното списание „Сајенс адванс“. Станува збор за минијатурен термоелектричен генератор што го користи човечкото тело како биолошка батерија.
– Батеријата за електрични уреди се троши со текот на времето и мора да се смени. Меѓутоа, нашиот уред може да се носи постојано – вели Џианлианг Шао, професор на Универзитетот во Колорадо и еден од авторите на уредот.
Тој исто така вели дека желбата на научниците е ваквите уреди да ги заменат батериите на електричните апарати што луѓето ги носат со себе. Новиот уред може да генерира околу еден волт енергија на квадратен сантиметар кожа. Според научниците, уредот во форма на нараквица може да генерира околу пет волти електрична енергија додека човекот се движи, многу повеќе од батериите во многу часовници.
– Кога некое лице трча или вежба, неговото тело се загрева, а таа топлина се лади со воздухот. Термоелектричните генератори во близок контакт со човечкото тело можат да ја користат таа топлина, која инаку би се изгубила – објаснува Шао.