Психолошката отпорност претставува предизвик за психолозите. Дали ја имате или не, зависи од тоа како се одвива вашиот живот. Ако сте имале доволно среќа никогаш да не искусите какви било тешкотии, нема да откриете колку сте отпорни. Само откако ќе се соочите со препреки и стрес, тогаш може да се видат нејзиното присуство или недостиг.
Како хронични закани што имаат влијание врз животот на една личност можат да се вбројат: родители со психолошки или други проблеми, изложеност на насилство или лошо постапување, или доколку како дете да сте поминале низ проблематичен развод на родителите. Акутните, пак, се однесуваат на трауматично насилно искуство или некоја несреќа, пишува „Њујоркер“.

Норман Гармези, развоен психолог и клиничар, во текот на своето повеќедецениско истражување запознал илјадници деца. Но едно момче му оставило впечаток и било првото од многуте што подоцна овој психолог го идентификувал како успешно, и покрај тешките животни околности во кои растело тоа. Оваа карактеристика подоцна била наречена отпорност.
Момчето имало девет години и живеело со мајка алкохоличарка и татко што честопати отсуствувал од дома. Секој ден одело на училиште со идентичен сендвич – две парчиња леб и ништо помеѓу нив, затоа што немало друга храна дома, ниту некој да му приготви. Сепак, момчето не сакало некој да го сожалува или да знае за неспособноста на неговата мајка.

Пред истражувањата на Гармези, повеќето други истражувања биле засновани на ранливоста и искуствата што ги прават луѓето подложни на лошите животни исходи, односно да бидат проблематични.
Во својата триесетгодишна студија, која опфаќала 698 деца во Кауаи, Хаваи, психологот Еjми Вернер истражувала што е она што ги издвојува отпорните деца од другите. Таа ги следела уште пред да се родат па до нивните триесетти години, а сето тоа подразбирало – стрес уште во стомакот на нивната мајка, сиромаштија, семејни проблеми и слично.

Две третини од нив развиле сериозни проблеми со учењето или однесувањето до десетгодишна возраст или проблеми со менталното здравје, деликвенција и малолетничка бременост. Додека една третина постигнале академски, домашен и социјален успех и секогаш биле подготвени да ги искористат можностите што им ги нуди животот.

Бидејќи поединците во овој примерок постојано биле следени и тестирани во текот на три децении, Вернер собрала мноштво драгоцени податоци. Утврдила дека неколку елементи однапред ја условиле отпорноста на овие деца. Некои биле поврзани со среќни околности: отпорното дете воспоставило цврста врска со старателот, родителот, учителот или некоја друга личност во улога на воспитувач. Уште од најрана возраст, отпорните деца го „учеле светот по свои правила“ – тие биле самостојни, независни, барале нови искуства, иако не биле особено надарени, ефикасно ги користеле вештините што ги имале. Најважно од сè, отпорните деца имале „внатрешен фокус на контрола“ – тие верувале дека тие самите, а не околностите, влијаат врз нивните животи.

Клиничкиот психолог Џорџ Бонано на универзитетот „Колумбија“, пак, верува дека клучната разлика е во тоа дали ние настаните ги идентификуваме како трауми или можност за учење и растење. Секоја застрашувачка случка, што е навистина негативна, нема претскажувачка моќ, односно може да биде трауматична, а и не мора – зависи од личноста што ја доживува.
Когнитивните вештини што ја поддржуваат отпорноста со текот на времето можат да се научат и да создадат отпорност и онаму каде што нема. За жал, може да се случи и спротивното, да се создадат или преувеличат стресовите.

– Човечките суштества се способни за грижа и за опсесија: можеме да ја земеме и најмалата работа, да ја надуваме во главата и да поминуваме низ тоа повторно и повторно, додека не стане најголемото нешто што ни се случило. Тоа претставува самоисполнување на пророштвото. Затоа е потребно да поставите рамка како предизвик, да станете пофлексибилни и по можност да се справите со тоа, да напредувате и да научите. Фокусирајте се, ако мислите на тоа како закана и потенцијално трауматичен настан, тоа на крајот станува постојан проблем – заклучува Бонано.