Наташа Крстевска-Мијата, кантавторка

Вечерва Мијата и нејзиниот бенд ќе одржат акустичен концерт на плоштадот „Коцка“, во скопската населба Автокоманда. Публиката ќе може да ги слушне нејзините најпознати песни и дел од новите што ќе се најдат на албумот, кој е во подготовка

Наташа Крстевска-Мијата повеќе од 15 години е присутна на македонската музичка сцена. Мразот го скрши на регионалното музичко шоу „Идол“, каде што високо се пласираше и го привлече вниманието со својот талент. Со својата прва песна „Верувам“, која стана нејзин заштитен знак, покажа дека има дарба и како пејач, но и како композитор и текстописец. Во моментов го подготвува својот втор албум, а со спот ја претстави и новата песна „Невидени“. Работното лето го започна во Битола на „Балкан гала-фестивалот“, каде што во придружба на симфониски оркестар ја отпеа „Верувам“, нешто што долго го посакувала. Вечерва, со почеток во 20 часот, ќе одржи соло-концерт под ведро небо во скопската населба Автокоманда, Општина Гази Баба, каде што на плоштадот „Коцка“ заедно со својот бенд ќе ги отпее своите најпознати песни.

Со новата песна „Невидени“ се враќате кон своите корени, на енергијата и сензибилитетот со кои ја почнавте својата кариера?
– Текстот на „Невидени“ е на Весна Малинова, а музиката ја напиша Александар Јовевски од групата „Молика“. Кога ја слушнала песната, Весна рекла: „Само Мијата може да го испее ова“. Уште по првото слушање на песната, кога ми ја пушти мојот пријател и соработник Ратко Даутовски, едноставно „ме купи“. Нејзиниот наслов беше „Сон“, но бидејќи токму во тој период ми почина близок пријател, сѐ доби некоја друга димензија и затоа и пеењето е елегично. Ѝ предложив на Весна да го смениме во „Невидени“ и таа веднаш прифати. Многу ми е драго што соработувам во врвни уметници без суета, а такви се и Дамир Пух и неговата сопруга Наташа Миха, во чие студио снимавме. Таму се снимени и „Полетај“ и „Маска“.

И покрај многубројните обврски, одговорна работа како контролорка на летање, сопруга и мајка, цели 15 години имате и континуитет во музиката. Како ви успева тоа?
– Каналот е од горе, а јас само добивам информации. Едноставно, се раѓаш со тоа. Јас се обидував да ја игнорирам таа моја дарба за музика, иако завршив нижо музичко. Ми велеа блиските „нема леб од музика“, па учев природно-математичка гимназија, а во САД се запишав на медицина и токму таму се зачленив во хор. Диригентот ме забележа, ми даваше солистички делници и отиде чивијата неповратно.

Цело време барате нешто од себе и од другите, го најдовте ли тоа?
– Го најдов. Јас секогаш се трудам сите околу мене, тргнувајќи од најблиските да ги направам среќни и горди. Звучи како фалење, но што и да почнам да учам имам успех. Кога се вратив од САД се запишав на англиски јазик и книжевност и дипломирав. Токму тогаш, таа 2001 година имаше конкурс за контролор на летање, не ни знаев што е тоа. Но навистина се пронајдов во оваа работа, ми одговара на карактерот. Но во еден момент си реков: „Ете, имам убава работа, семејство, а сега да ме оставите да попеам за своја душа?“

Како и каде ги создавате песните?
– Не рекле попусто, сѐ се учи, а уметник се раѓа. Песните прво ги слушам во мојата глава и веднаш се обидувам да ги забележам на мобилниот телефон. Потоа му давам насоки на аранжерот, му ги прераскажувам искуствата, бараме хармонии. Изгледа лесно, но тој процес воопшто не е едноставен. Во Америка ја напишав „Верувам“ и текстот прво беше на англиски јазик. А „Еден ден“ се случи во 2004 година во Сплит на Фестивалот на француска шансона. Бевме сместени во католички манастир и таму се роди песната. Тие мигови се специјални, магични, еден вид флешови.

Ја спомнавте „Верувам во себе“, која и денес звучи моќно. Долго работевте на неа?
– Се сеќавам, кога се вратив од САД во 2007 година, со Тања Рибарска, мојата десна рака низ творештвото, во станчето кај неа полека ја поставуваме аранжмански и потоа отидовме кај Валентино Скендеровски да ја снимиме. Тој рече: „Што е ова, три песни во една?“ Му одговорив дека јас така ја доживувам музиката. Во таа песна е цела еволуција на рок-музиката, затоа толку моќно звучи, тргнува од изворот, па допира друидско време и се крева кон кантри-рок, па во последниот рефрен ставивме и џет-мотори. Всушност оваа песна најави што следува од мене. Потоа луѓето ме среќаваа и ми велеа: „Јас победив канцер со твојата песна“. И спотот на Бане Поповиќ ѝ даде една убава целина. А јас секогаш кога ја пеам ја имам истата емоција, секој настап ми е како прв. Кога ќе застанам на сцена, ми се случува чудо.

И вашата песна „Постојам“ што им ја посветивте на протераните Егејци исто така допре до многу луѓе, кои плачат додека ја слушаат…
– По потекло сум од Долно Дупени, Преспанско, а тоа беше првата линија што ги прифати бегалците. Тие беа сместени во селото, а на некои од нив им дадовме место да си направат куќи. Инаку, песната ја снимив во 2008 година, кога Грција ни стави вето. Си помислив зошто треба да страдаме како нашите сограѓани што го загубија домот. Мој е текстот, а музиката е на Кузман Марковски. Ми кажаа дека „Постојам“ е рингтон на многу млади Македонци во Егејска Македонија. По нејзиното појавување, ми беше забранет влезот во Грција, а искрено и немам желба да одам таму.

Што се случи со рокерката Мијата?
– Кога првпат ќе ја чујам песната, се обидувам да сфатам кој сегмент од мојата личност најдобро ќе ја донесе, дали мајчинската, гневната, романтичната, љубовницата или заводничката Мијата? На пример во „Полетај“ пее рокерката, но јас напишав и приспивна за мали бебиња, ќе имам и песничка на „Златно славејче“ годинава, не се плашам од предизвици и така ја одржувам младешката енергија. Многу сум среќна што постои зборот еклектика, бидејќи тоа сум јас. Не можам да се сведам само на еден жанр.

Посакувате ли некоја ваша песна да ја отпеете на евровизиската сцена?
– Ми ги читате мислите, па јас веќе ја имам и песната. Се вика „Discover the woman“. На англиски е бидејќи пораката што сакам да ја кажам треба да биде универзална. Таа сцена би ја искористила да испратам порака за (не)рамноправноста на жените.

Што следува од вашата музичка работилница?
– Тоа е мелодијата „Очи да затвориш“ што ќе се најде на мојот нов албум, заедно со „Добра ноќ, добар ден“. За неа сакам со Николче Мицевски да го правиме аранжманот, а еве ќе откријам една тајна, ќе има и еден мал сегмент од Калајџиско оро.

Кој е вашиот прв критичар и поддржувач?
– Сега ми се децата главни критичари. И тие се надарени и често сум затечена од нивните забелешки. Калин на училиште рекол дека кога ќе порасне ќе биде музички продуцент и ќе свири бас-гитара, што многу ме изненади, бидејќи многу го сака и фудбалот. Тој ја наследи креативноста од мене, а Никита ја чувствува магијата на сцената. Веќе оди на балет, но рано е за некои планови. Сепак, чувствувам дека треба некако да ги насочам како да се движат во светот на музиката, зашто тоа е дарба. А човек што има музика во себе, никогаш не е осамен. .