Шпанецот Маркос Родригез Пантоја во 1965 година е пронајден во пештера во која живеел со волци цели 12 години. Неговиот живот во дивина започнал кога тој бил многу мал, по смртта на неговата мајка.

Татко му го напуштил, продавајќи го на еден фармер кој живеел во планината Сиера Морена. Човекот на кој му било доверено детето набрзо умрел, па затоа Маркос сам се повлекол во дивина. Се сеќава дека тогаш имал околу 6 или 7 години.

Членовите на шпанската цивилна гарда го пронашле кога тој имал 19 години и повторно го вратиле помеѓу луѓето. И тогаш навистина сė се променило.

За неговиот живот од тогаш до денес настанале многу книги, филмови, антрополошки студии и еден краток документарен филм снимен од британскиот сервис Би – Би – Си.

Маркос денес има 72 години и живее во малото село Рантем, сместено во областа Оренсе во Галиција. Но, иако веќе 50 години живее меѓу луѓе, признава дека последните сеќавања за среќен живот му се поврзани токму со волците.

Во разговор со шпански дневник „Паис“, Маркос открива дека денеска се чувствува изневерено и злоупотребено од луѓето и дека работадавачите од градежната и угостителската индустрија го експлоатираат, пишува Индипендент.

– Мислам дека ми се смеат затоа што не се разбирам од политика и фудбал- вели тој, посочувајќи дека не бил способен во целост да се прилагоди на животот меѓу луѓе.

Маркос бил разочаран од начинот на кој живеат луѓето и се обидел да се врати на планина, но волците повеќе не го препознаваат како еден од нив.

– Можам да почувствувам дека се тука, ги слушам како дишаат, но не ми е веќе толку лесно да ги видам. Тие се волци, ако ги повикам само ќе ми одговорат, но нема да дојдат. Им мирисам на луѓе, имам колонска вода – раскажува Маркус.

Тој еднаш отишол до пештерата во која израснал со волците, но тоа таму што го видел навистина го растажило. На местото на пештерата и некогашната природа се наоѓа викендица и декоративни капии кои се отвараат со далечински управувач.

Меѓутоа знаењето на Маркос и неговото искуство тој редовно ги пренесува на предавањата во организација на еколошките друштва. Тој им ја пренесува важноста на децата за тоа дека треба да водат грижа за светот околу себе.

– Неверојатно е колку тој човек е во состојба да ги маѓепса децата со своето животно искуство – заклучува Хозе Сантес од еколошкото друштво со кое Маркос соработува.