Група чилеански климатолози се обидуваат да ги искористат врнежите во текот на зимските месеци на јужната хемисфера и да ја замрзнат водата во вештачки глечери, кои потоа ќе се користат во сушните периоди од декември до февруари.
Инспириран од иницијативата почната во Индија, на врвовите на кањонот Кахон дел Мајпо, дел од планинскиот венец југоисточно од Сантијаго, главниот град на Чиле, почнат е проектот „Нилус“, кој би требало да помогне во решавањето на проблемите со снабдувањето со вода. Целта на проектот е до следната година да се складираат 100 милиони литри вода.
– Со „Нилус“ се обидуваме да помогнеме во решавањето на огромната криза со вода со која се соочуваме во Чиле, но и во светот. Бараме решение што, всушност, ни овозможува да ја задржиме водата подолго во планинскиот венец, а потоа да ја доставиме до населението низводно – рече Енрике Гелона, директор на проектот.
Прототип за проектот е „Аренас парк“, лоциран на највисокиот дел од кањонот, каде што водата треба да се зароби и да се задржи, за да замрзне благодарение на многу ниските температури во текот на ноќта.
Промоторите на проектот планираат да изградат 50 водени единици, во кои би се складирале околу 100 милиони литри смрзната вода, односно мраз.
– Оваа вода ќе послужи за снабдување на најмалку 100.000 луѓе во текот на три месеци – рече Роберто Лара, инженер во „Нилус“, најавувајќи дека првиот циклус на проектот ќе биде завршен во 2022 година.
Најголемиот светски производител на бакар, Чиле, со години се соочува со сериозни суши. Истражувачите и еколошките активисти укажуваат на тешката ситуација, наведувајќи дека глечерите на Андите се повлекуваат.