Држава: Италија
Остров: Сицилија
Жители: 20.000

Чефалу е едно од најубавите италијански места за одмор. Околу 20.000 негови жители ставиле сѐ на една карта – туризмот.

Грците го нарекувале Кефалоидон уште во 4 век пред Христос. Ова симпатично гратче на северниот брег на Сицилија претходно било сместено над гребенот на градот, што потсетува на човечка глава, па така го добило и името. Во нашиот јазик сѐ уште за некои интелигентни, бистри луѓе се вели дека имаат кефало.

Во 9 век господари на островот станале Арапите, а два века подоцна ги наследиле Норманите. Руѓер Втори Сицилијански е првиот нормански крал на Сицилија и ќе остане запаметен како владетел што ја спуштил населбата од ридот на брегот.

Чефалу во 12 век доживува процут. Се гради катедралата со саркофазите од магматската карпа порфир, што тогаш било вистинска реткост. Норманскиот крал посакал таму да почиваат тој и неговите наследници. Но судбината сакала тука да почиваат кралевите на германската династија Хоенштауфен, новите освојувачи на Сицилија. Сепак, Руѓер Втори ќе биде запаметен и по тоа што на жителите им ја оставил катедралната црква.

Во самиот град сѐ е ориентирано кон морето, а низ тесните улички понекогаш ќе откриете и некое помирно катче. Интересно е да се посети и јавната бања, изградена од Арапите, а ако се спуштите до самиот брег ќе ве одушеви убавата песочна плажа, а по нејзината должина се протега шеталиштето. Од бавчата на некој ресторан можете да набљудувате како заоѓа сонцето зад Палермо, кој е оддалечен 70 километри или како изгрева таму каде што Месина се бакнува со италијанската „чизма“. За убавината на амбиентот придонесуваат и медитеранските дрвја, кактусите и палмите.

Секако, дозволете си купување некое од врвните вина, изборот е навистина голем, а што се однесува до храната, можете да пробате специјалитети од риба или, едноставно, пица или разни други благи и солени печива, а пробајте ги и локалните вкусни колачиња со капучино.