Четири ретки бенгалски тигри угинале за само еден месец на југот на Непал, задавајќи им силен удар на обидите да се заштитат од изумирање, објавија денеска непалските власти.

Последниот тигар угинал вчера во националниот парк Читван, 120 километри југозападно од Катманду, рече портпаролот на паркот Нурендра Ариал.

– Не сме сигурни што е причината за смртта, но имаме две теории. Заради тоа што станува збор за територијални животни, можеби се борел со противникот за терен, а би можело да се работи и за борба за плен која завршила со смрт на едниот – рече Ариал.

Во четвртокот вработените во паркот пронашле уште еден мртов тигар во зоната што го опкружува националниот парк.

Преостанатите два тигра угинале во шумите над националниот парк.

Непал се обидува точно да ги преброи преостанатите тигри чиј број во земјата се проценува на помалку од 200, а фактот дека сė уште постојат, се припишува на строгите непалски закони против ловокрадците и напорите за нивно зачувување.

Во светот во дивина има вкупно околу 3.900 тигри.