Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“ по четврти пат ќе се одржи денеска во „Јавна соба“ од 19.30 до 22.30 часот. На овој настан, кој е широко прифатен во целиот свет, чие годинашно мото е „Врескам во свое име“ свое видеообраќање ќе има Џаел Урибе, основачката на фестивалот.

Овој фестивал претставува светски синџир на настани и прослави во март каде што поетеси и поети, уметници и организации од различни земји, волонтираат во чест на правата на жените и испраќаат пораки за самодоверба, почит и го зајакнуваат гласот на јавноста против насилство врз жените.

Национални координаторки на организацијата на фестивалот во земјава се поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова со поддршка на организацијата „Јустиција“. Меѓу годинашните учесници се членовите на центарот за обука ЕВ со професорите по музика, Марија Џиџева, режисерка, Дарија Андовска, композиторка, Ивана Балабанова, кореографка, Јасмина Билаловиќ, актерка, Марта Арсовска и Коста Андонов (танцов перформанс), слемерите Кристиан Кожељ од Словенија, Симоне Саво од Италија и Бејли Кесл од САД. Свој настап ќе имаат и неколку наши поетеси, поп-пејачки, модни дизајнерки, уметници…