Актерката Сиена Милер, потсетувајќи се на својот колега и холивудска ѕвезда Чедвик Босеман, кажа дека тој ѝ дал дел од хонорарот кога работеле на филмот „21 мост“, затоа што продукцијата не сакала да ѝ плати онолку колку што побарала.
Во трилерот објавен минатата година, тие глумеа детективи, а поради јазот во платите, кој е вообичаен во Холивуд кога станува збор за мажи и жени, Босеман решил да ѝ даде дел од хонорарот за да ја ублажи родовата нееднаквост. Милер изјави дека на сите им е јасно дека има нееднаквости во Холивуд, поради што не барала превисок хонорар, но не ја добила цифрата што ја барала.
– Чедвик на крајот донира дел од својата плата за да добијам онолку пари колку што побарав и рече дека заслужувам да ми плаќаат повеќе – се присетува таа.
Актерката вели дека овој потег е без преседан во филмската индустрија.
– Тоа беше неверојатна работа. Такво нешто едноставно не се случува. Тешко е да се замисли друг човек да постапи со толку голема почит кон колегата – вели таа.
Ѕвездата на филмот „Црниот пантер“, Чедвик Босеман, почина во август оваа година од рак, а во филмот „21 мост“, покрај главната улога, тој беше и продуцент. Овој филм е еден од последните што ги сними пред да почине.