Чаталхојук се наоѓа во централниот дел на денешната држава Турција. Научниците веруваат дека оваа неолитска населба, која се нарекува и протоград, била изградена во 7400 година пред нашата ера. Се претпоставува дека во неа живееле околу 8.000 луѓе. Чаталхојук има особено значење за светската историја, односно во истражувањата и теориите за појавата на земјоделството, религијата и урбаниот живот. Чаталхојук е многу голем и е добро зачуван, со богата уметност и симболика, која овозможува да се дешифрираат некои аспекти од неолитскиот живот.
Овој протоград е многу необичен. Неговите куќи биле збиени и не постоеле улици, луѓето се движеле на покривите на куќите, а во внатрешноста влегувале преку скала, која се спуштала низ оџакот. Во внатрешноста на куќите има богата симболика. На внатрешните ѕидови биле поставени глави и рогови на бикови, како и слики на кои се претставени животни. Научниците истакнуваат дека богатата симболика на внатрешниот дел на куќите укажува на симболика што е поврзана со култ на мртвите.
Истражувачите веруваат дека луѓето во Чаталхојук живееле во егалитарно општество. Досега не се пронајдени куќи со хиерархиска одлика (кралско семејство или врховен верски лидер). Истражувањата покажуваат дека постоела мала општествена разлика врз основа на полот, меѓутоа мажите и жените имале еднаков општествен статус, што е карактеристично за палеолитските култури.


Погребни ритуали

Луѓето во Чаталхојук ги погребувале починатите во внатрешноста на своите куќи. Човечки остатоци се пронајдени во јамите под подовите, особено под огништата и креветите. Телата биле цврсто завиткани и сместени во кошници. Истражувањата покажуваат дека некои од телата претходно биле изложени на отворено, и тоа подолг временски период, пред да бидат закопани коските. Има примери кога гробовите биле отворани, а главата на поединецот била отстранувана од скелетот. Научниците веруваат дека главите биле користени во ритуали, а некои од нив биле малтерисани и обоени.


Ѕидните мурали во Чаталхојук

Ѕидните мурали што се откриени во внатрешноста на куќите во Чаталхојук се најдеталните и најинтересните прикази во неолитската уметност, како и во предисториската археологија. Ѕидната уметност е значајна за разбирање на верувањата, религијата, симболиката и социјалната организација на луѓето во Чаталхојук, меѓутоа и на неолитската заедница и неолитската уметност во целина, затоа што не се пронајдени ѕидни слики во други неолитски археолошки места. Муралите може да се забележат низ целата населба, на надворешните и внатрешните ѕидови. Муралите покажуваат дека луѓето во Чаталхојук имале религија што е богата со симболи. Меѓу сликите преовладуваат претстави на мажи со фалуси во ерекција, сцени на лов, црвени слики на веќе изумрени диви говеда, мршојадци и обезглавени тела.


Божицата мајка

Археолозите пронајдоа повеќе глинени фигури со женска форма, меѓу нив е т.н. Седечка жена од Чаталхојук, за која се смета дека е претстава на божицата мајка во седната положба. Се верува дека е изработена пред околу 8.000 години, а беше откриена во 1961 година од страна на археолозите. Таа е прикажана како корпулентна и плодна, во процес на раѓање, додека седи на нејзиниот престол, на кој може да се забележат мачки (се претпоставува дека станува збор за лавица, леопард или пантер) – мотив за кој научниците веруваат дека е симболика што ја претставува како љубовница на животните.