На „Јунион сквер“ на Менхетн, Њујорк, се појави необичен часовник што го одбројува времето што го имаат луѓето за да спречат климатска катастрофа. Според она што моментално го покажува часовникот, за тоа ни остануваат седум години. Доколку дотогаш не се намалат емисиите, светот може да очекува повеќе поплави, пожари, влошување на гладот во светот и раселување од големи размери, сметаат уметниците Ган Голан и Ендру Бојд, кои ја поставиле инсталацијата.
Покрај тоа што часовникот го одбројува времето, на него се прикажува уште еден број во зелена боја, за разлика од првите, кои се со црвена боја. Тој број го следи процентот со кој енергијата на Земјата се добива од обновливи извори.
За авторите на овој часовник, пораката е јасна: за да преживее Земјата, емисиите на штетни гасови мора да се редуцираат, а времето за тоа истекува.

– Нашата планета има рок. Но ние можеме да го промениме тоа – изјави авторот Бојд за „Вашингтон пост “.
Тој исто така објаснува дека мотивацијата за овој проект ја добил кога се родила неговата ќерка. Една недела по нејзиното раѓање, Меѓународниот панел за климатски промени објави дека останува уште малку време пред патот кон климатската катастрофа да стане неповратен. Тоа е она што предизвикало да се смени начинот на размислување на овој уметник.
– Она што ќе го направиме во следните неколку години ќе утврди во каков свет ќе живеат нашите деца, каде ќе живееме сите. Имав потреба сите и секаде да разберат дека времето истекува – вели Ган Голан.
Една од првите што го поддржа проектот „Климатски часовник“ беше Грета Тунберг, која ја доби првата рачна верзија на часовникот.