Техно

Долгогодишните најави за часовник на „Епл“ со мониторинг на шеќерот во крвта, по извештаите во „Форбс“ и „Телеграф“, добија кредибилитет.
Двете познати медиумски компании известија дека британската здравствена компанија „Рокли фотоникс“ неодамна потврдила дека „Епл“ е нејзин најголем купувач во последните две години и оти постојано е ангажирана во развојот на неговите идни производи. Фокусот на „Рокли“ бил на сензорите што ги следат гликозата во крвта, притисокот, па дури и нивото на алкохолот, што сугерира дека барем една од овие карактеристики ќе биде достапна преку идниот „епл воч“.
Не постои гаранција дека договорот со „Рокли“ ќе доведе до испорака на производот. Меѓутоа, „Епл“ побрза јавно да го обелодени својот фокус на здравјето на човекот, а индустријата има многу интереси за развој на нови сензори за следење на нивото на шеќерот во крвта, за што не би се употребувале игли. Доколку на „Епл“ му успее да ја вгради оваа технологија во вообичаен производ, како што е часовник, тоа ќе им биде од корист на сите луѓе што секојдневно користат игли за да го одржуваат дијабетесот под контрола.