Културата, стварноста, и историјата на САД не се исти по Касиус Клеј (Мохамед Али), Мартин Лутер Кинг, Мајк Џордан, Опра Винфри, Мајкл Џексон и Барак Обама. Во оваа низа од надарени поединци со афроамериканско потекло, посебно место зазема Чак Бери. Тој е случај од посебен тип, бидејќи потекнува од југот и се појавува во времето на суровата расна сегрегација. Неговиот музички триумф се рефлектира во вистината дека нехуманата реалност на своето растење ја претопуваше во поучни и полезни приказни за слободата и радоста на животот. Чак Бери е архитектот што ги постави темелите на еден од најпопуларните музички жанрови – рокенролот. Тој уште во 1955 година свирел ритам, блуз и кантри-музика, заедно со пијанистот Џони Џонсон. Метафорично кажано тој е таткото од чиј ритам, блуз, свинг и кантри-музика беше зачнато бебето што го крстија рокенрол. Чарлс Едвард Андерсон, повеќе познат како Чак Бери, роден е во 1926 година во Сент Луис, Мисури, од мајка Марта и од татко Хенри. Растел во дел од градот каде што живееле исклучиво Афроамериканци, припадници на средната и на сиромашна класа.

Автор е на познатите, назаборавни, неповторливи и вонвременски рокенрол-нумери: „Maybellene“, „Roll Over Beethoven“, „Rock And Roll Music“, „Johnny B. Goode“ и „Carol“, од кои сите се искачија на топ 10 листата на хитови во САД, и станаа најголеми рокенрол-хитови и евергрини. Нивните основни карактеристики се интересните игри на зборови, наелектризираните гитарски рифови и идентификацијата со тинејџерските желби, барања, грижи и проблеми. Како го создаде тој рокенролот? Можеби најсоодветен одговор е со крајно едноставно забрзување на блуз-мелодии и ритми и текстови интересни за тинејџерите – љубов, забава, брзи коли и слично. Секако тој е и магичен играч на лирските стихови, господар на гитарските рифови и втемелувач на моделот на матрица за сѐ што подоцна се појави во рокенролот. Рокенрол-пионер, но и ненадминат рокенрол-генијалец. Беше голем рокенрол-теоретичар, концептуален музички гениј, инвентивен композитор, кој најдобро знаеше што им е потребно за забава на тинејџерите. Без неговите заразни рифови светот ќе ги немаше, на начинот на кој ги има „Битлси“, „Ролингстоунси“, Боб Дилан, а ние, на нашите простори, и „Бело дугме“, „Азра“, „Рибља чорба“, и многу други рок-состави.

Важи за највлијателен автор на рокенролот на сите времиња. Прогласен е за првиот поет на рокенрол-музиката. Неговите познати хитови: „Sweet Little Sixteen“, „Memphis, Tennessee“, „Nadine“, „No Particular Place to go“, „You Never Can Tell“, заедно со тие веќе напред споменати, со леснина влегуваа во колективното уво и се претвораа во златни стандарди на рокенрол-музиката, кои никогаш не застаруваат и со исто уживање се слушаат и изведуваат и денес како и во времето кога биле создадени. Кој сака да слуша убав и изворен рокенрол, од Чак Бери, неизоставно мора да ги ислуша албумите: „One Dozen Berrys“ (1958), „Chusk Berry Is On Top“ (1959), како и концертниот албум, кој наедно е и филм „Haill! Haill! RocknRoll“ (1987), на кој како гости се појавуваат Кит Ричард, Ерик Клептон, Роберт Кеј и многу други. На овој Шекспир на рокенрол-музиката капа му симнуваа сите вклучувајќи ги Бич Бојс, Боб Дилан, Брус Спрингстин, „Ролингстоунси“ и многу други. Во таа смисла, најголемото признание за него го изрече Џон Ленон велејќи дека доколку мораме на рокенролот да му дадеме некое друго име, тоа може да биде само името Чак Бери. Не помалку значајно е и признанието од Тед Нуџебд, кој своевремено изјавил дека кој не знае да ги отсвири сите „цаки“ на Чак Бери, тој за себе не може да каже дека знае да свири рокенрол.

Остана препознатлив по шпагата што ја правеше за време на своите настапи на музичките концерти и по неговото надалеку познато „патка-одење и потскокнување“ со гитарата на која свири, стил што денес го имитираат многу познати музичари и гитаристи. Во 1984 година ја доби „греми“ за животно дело, а во неговата деветта деценија од животот и наградата „Полар“, која ја доделува Шведската кралска музичка академија, која музичарите ја нарекуваат и Нобелова награда за музика. Во 2012 година здружението ПЕН од Нова Англија му го додели највисокото признание за текстовите на неговите песни, кои поседуваат извонредна книжевна вредност. Во таа пригода таква иста награда доби и познатиот кантавтор Леонард Коен, кој за Чак Бери изјави „Сите ние другите сме само фусноти на името Чак Бери“. Списанието „Тајм“ го стави на својата листа на 100 најдобри гитаристи на сите времиња, додека, пак, списанието „Ролинг Стоун“, го рангираше на петтото место на топ-листата на „Бесмртници“ – 100 најголеми уметници на сите времиња. Бидејќи неговите хитови се неделив дел од културниот идентитет на човештвото, композицијата „Johnny B. Goode“ ставена е на Златната плоча, која „Војаџер“ 1977 година ја однесе во вселената, заедно со музиката на Бах, Моцарт и на Стравински, индиската раге и бугарските народни песни. Исто така, неговите хитови се и музика за филмските блокбастери „Враќање во иднината“ и „Петпаречки приказни“. Освен музиката, имаше и друга страст – автомобилите, и тоа исклучиво од марката „кадилак“, кои ги имаше десетици во својот возен парк. Еден од нив, црвениот „кадилак елдорадо“ и неговата гитара „гипсон“, наречена „Мејбилајн“, денес се изложени во престижниот национален музеј на африканско-американската историја и култура „Смитсонијан“, Вашингтон. Познато е дека легендарниот рокенролер имаше проблеми и со законот, па, така, четири пати во својот живот одлежуваше казна затвор. Тоа не го спречи да создава музика и да свири до својата 90-та година од животот. Тој во октомври 2016 година го најави својот најнов албум, едноставно наречен „Chuck“, посветен на неговата сопруга Темета Теди Бери, која му роди четири деца. Инаку, со неа тој беше во брак цели 68 години до својата смрт на 18 март 2017 година. Најверојатно затоа писателот Стивен Кинг, по повод смртта на Чак Бери, изјави: „Почина Чак Бери. Тоа ми го скрши срцето, но 90 години не се толку лоши за рокенрол. Џони би гуд засекогаш“. И навистина е така – Џони би гуд засекогаш.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“,
заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар
Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)