„Црниот пантер“ ја освои главната награда на доделувањето на филмските и телевизиските награди на Ем-ти-ви. Филмот за афроамериканскиот суперхерој е прогласен за најдобар филм на годината, во конкуренција на уште четири филма: „Вондервоман“, „Одмаздници: војна на бесконечноста“, „Женско патување“ и „Тоа“.
Филмот ги освои и годинешните награди за најдобра улога во филм и за херој на годината (Чедвик Боусмен), како и онаа за негативец на годината (Мајкл Б. Џордан). Наградата за „најдобра тепачка“, сепак, отиде за друг суперхеројски филм – „Вондервоман“.
Хорор-фантастичната серија „Стрејнџер тингс“ ги освои наградите за најдобро ТВ-шоу и најдобра улога во шоу, за онаа на Мили Боби Браун. Најдобра сценска екипа за изминатава година се седумте млади актери од хоророт „Тоа“.
Најдобар музички документарец е „Гага: фајв фут ту“, посветен на Лејди Гага. „Кардашијан“ е прогласено за најдобро реално шоу. Специјалната „Награда на генерацијата“ ја доби глумецот Крис Прат.