Со кино проекција на американскиот филм „Црн пантер“, во Ријад денеска беше отворена првата кино сала во Саудиска Арабија по повеќе од 25 години.

Со ваквиот чекор и официјално е укината забраната за постоење на кина во оваа конзервативна муслиманска монархија. 

Отворањето на кината властите во Саудиска Арабија го најавија лани во декември со промовирањето на реформскиот план „Визија 2030“, предложен од престолонаследникот, крунскиот принц Мохамед бин Салман.

Целта на овој план е модернизација на земјата во обид за привлекување странски инвестиции и диверзификација на саудиската економија, која доминанто е зависна од производството и извозот на нафта.