Песната „Црвени рози“, дело на Димитар Масевски, кој ја напиша музиката, и на Љупчо Стојановски, кој е автор на текстот, првпат е изведена на 7 март 1991 година во Велес, на манифестација по повод Светскиот ден на крводарителството. Оттогаш на сите настапи Маниќ им ја посветува на дамите во публиката

Томислав Маниќ пред 30 години ја испеа песната што е негова „лична карта“

Томислав Маниќ, кој на 22 јануари наполни 88 години, е еден од основоположниците на македонската забавна музика, кој со својот карактеристичен, пријатен глас овековечил 524 песни во Радио Скопје, соработувајќи со најдобрите македонски автори, со што се вбројува меѓу најпродуктивните наши пејачи.
Уште како 18-годишник, од родниот Пирот, Србија во 1951 г., дојде на студии во Скопје, кое, како што вели, не би го менувал со ниеден друг град во светот и се запишал на Филозофскиот факултет – група Историја. Паралелно со студиите сѐ почесто настапувал, освен на програмата на радиото, во емисии во живото, па на игранки, а подоцна и на концерти. Следувале и турнеи низ Македонија, а подоцна и во поранешна Југославија, но и низ светот. Снимил многу носачи на звук, на кои е забележано целото негово творештво, а омилен гостин беше и во многу телевизиски емисии во цела некогашна Југославија. Добитник е и на голем број награди, а сега сите негови песни можат да се слушнат на неговиот музички канал на Јутјуб.
Во Скопје основа семејство, а освен како пејач со посебен стил и шарм, ќе биде запаметен и како омилен професор по историја во средното економско училиште „Моша Пијаде“.
Најпрво го препознаваа по неговата изведба на евергринот „Кажи зошто ме остави“, а потоа и по „Индијана“ и „Жолта липа“ на Драган Ѓаконовски-Шпато, „Пролетно ветре“ на Александар Џамбазов, „Дај ми рака“ на Љубомир Бранѓолица“…, но најмногу од сѐ по песната „Црвени рози“ на композиторот Димитар Масевски, која стана негова „лична карта“.

Песната првпат е изведена точно пред 30 години, на 7 март 1991 година во Велес.
– Песната „Црвени рози“ е дело на Димитар Масевски, кој ја напиша музиката, и на Љупчо Стојановски, кој е автор на текстот. А еве како се случи јас да ја отпеам. Бевме соседи со Масевски, па често бевме заедно. Тој на неколкумина пејачи им понуди да ја отпеат песната, но не беше задоволен. Еднаш ми рече и јас да се обидам да ја интерпретирам. Бидејќи како млад аматерски се занимавав со глума, а сега на мое големо задоволство по тој пат сѐ посигурно чекори мојот внук Петар, кој ја толкува главната улога во првиот македонски игран филм
за млади, „Стела“, јас внесов малку театралност во пеењето и на Масевски му се допадна тоа, па кога ме слушна рече: „Тоа е тоа“. Откако ја снимивме, песната првпат ја изведов на 7 март 1991 година, на манифестација за одбележување на Светскиот ден на крводарителството, на градскиот стадион во Велес, што ја организираше Црвениот крст. Се сеќавам дека со мене настапија и танцови двојки, а публиката уште тогаш многу убаво реагираше. Режисерот на директниот пренос на МТВ, Ацо Алексов, секогаш кога ќе отпеев „црвени рози за вас мадам“, покажуваше на екранот некоја убава жена од публиката. И оттогаш таа стана многу популарна и секаде ме препознаваа токму по „Црвени рози“ – ни откри Томислав Маниќ.

Тој дополни дека оттогаш каде и да се појавел му барале да ја пее „Црвени рози“, а често при изведбата им подарувал и рози или друго цвеќе на дамите во публиката.
– Најмногу рози подарив на концертот во „Универзалната сала“ со кој одбележав 45 години од кариерата, што се случи во 2009 година. За многу песни имам снимено спотови, па има и еден видеозапис за „Црвени рози“, реализиран во Охрид – вели тој.
Бидејќи денеска го одбележуваме 8 Март, Меѓународниот ден на жената, Маниќ, кој отсекогаш многу ги почитувал жените, ни рече дека по повод 30-годишнината од првата изведба на овој негов голем хит, песната им ја посветува на сите Македонки.
– Отсекогаш сум ги почитувал жените, оние во моето семејството, колешките, пријателките, припадничките на поубавиот пол во публиката и драго ми е ако со моите песни, настапи, концерти… сум им приредил убави мигови – ни рече ветеранот на македонската забавна музика.

И покрај неговите 88 години, Томислав Маниќ сѐ уште оптимистички гледа на животот и се надева дека наскоро, откако ќе стивне пандемијата, повторно ќе може да се напие кафе во кафулето „Манда“ на неговиот син Александар Маниќ, некогашен македонски првак во пливање. А дотогаш ќе се придржува кон мерките за претпазливост, ќе го чита омилениот весник „Нова Македонија“ и ќе слуша убава музика.
„Живот посветен на музиката“ е насловена книгата за Томислав Маниќ, чиј автор е Правдољуб Николиќ, што има и македонско и српско издание, во која може да се прочита неговата богата животна приказна, но и мислењето за него од негови блиски пријатели и соработници.