Црвените цртежи на куполата во пештера во јужна Шпанија се дело на неандерталци, а биле создадени пред повеќе од 60.000 години, се вели во новата студија. Истражувањето покажало дека боењето било применето со процес на прскање и дување околу 20.000 години пред да пристигнат современите луѓе во Европа. Со ова откритие беше доведена во прашање претходната студија, која овие цртежи на изумрените роднини му ги припишува на современиот човек. Некои експерти, пак, тврдат дека боењето во пештерите Ардалес се случило природно.
Но една нова студија, објавена во списанието ПНАС, го потврдува мислењето дека окер-црвените пигменти откриени во три пештери на Пиринејскиот Полуостров се форма на пештерска уметност на неандерталците, пренесува „Би-би-си“. Се наведува дека наслагите се издвојуваат од другите природни материјали пронајдени во пештерите поради нивните необични бои и текстури.
Новата анализа, која вклучува подетално одредување на времето, сугерира дека некои цртежи се стари околу 65.000 години.

Со истражувањето се заклучило дека ова палеолитско уметничко дело било направено од неандерталци, „сестрински“ видови на хомо сапиенс, бидејќи тие биле единствените човечки жители на Европа во тоа време. Локацијата во пештерите во Ардалес, сместена во планински венец во шпанската провинција Малага, била откриена во 1821 година, откако по земјотрес бил откриен скриен влез. Експертите во 2014 година рекоа дека гравирањето пронајдено во посебна пештера во Гибралтар обезбедило уверливи докази за уметноста на неандерталците.