Доделувањето на „оскарите“, кои редовно се одржуваат во февруари секоја година, ќе бидат одложени за два месеца поради пандемијата предизвикана од коронавирусот. Наместо на 28 февруари, церемонијата е презакажана за 25 април.

Организаторите се сложија да се продолжи периодот за квалификација за оваа награда од 31 декември годинава до крајот на февруари 2021 година. Поради пандемијата, снимањата и постпродукцијата на многу филмови што требаше да бидат прикажани до крајот на годинава се одложени на неодредено време.

Академијата неодамна ги промени правилата и привремено овозможи и филмови што се прикажуваат на стриминг-платформите да може да се натпреваруваат за „Оскар“. До сега правилото гласеше дека во конкуренција може да бидат само филмови што се прикажани во киносалите во Лос Анџелес најмалку една недела. Но, бидејќи кината се затворени поради пандемијата, организаторите велат дека ова привремено правило е многу потребно.

Досега во историјата, „оскарите“ биле одложени само трипати – поради поплавите во Лос Анџелес во 1938 година, убиството на Мартин Лутер Кинг во 1968 година и обидот за убиство на претседателот Роналд Реган во 1981 година.