Македонски композитори Дуке Бојаџиев, кој живее и работи во Њујорк, повторно ќе настапи пред македонската публика со два последователни концерти во Скопје на 11 и 12 мај во новиот објект на Македонската филхармонија.

Во рамките на целовечерниот концерт со наслов „Сон, верба, љубов“, Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание „Сон-Верба-Љубов“, како и дел од неговото поново филмско творештво.

Специјален гостин на концертот ќе биде Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, на кларинет Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг-квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.

Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на „Оскар“, меѓу кои режисерите Џонатан Деми за филмот „А Мастер Билдер“ и Данис Тановиќ за филмот „Пекол“, како и со Рајко Грлиќ за филмот „Устав Републике Српске“, со Столе Попов на „До Балчак“ и „Војната заврши“ на Митко Панов. Во моментот работи на филмот „Бегство кон морето“ на Вељко Булајиќ, кој е во постпродукција. Меѓу големата лепеза филмови има работено и на филмовите „Тајниот живот на Волтер Мити“ во режија на холивудскиот актер Бен Стилер и „Ветување“ со Кристијан Бејл и Оскар Ајсак во главните улоги.

Билетите ќе бидат во продажба од 16 април на билетарницата во Македонската филхармонија и на http://mktickets.mk/

Коцертниот настап ќе биде реализиран во соработка со Министерството за култура и „3Гонга”.