Унгарците деновиве печат колачиња за вработените во службата за итна медицинска помош, кои помагаат во справувањето со порастот на нови случаи на ковид-19. Естер Хармт, која основала група за онлајн готвење, еден ден ја прашала пријателката вработена таму како може да помогне, а таа ѝ рекла дека нејзините колеги би сакале да пробаат некои убави колачиња.
Откако тоа се проширило на социјалните мрежи, почнало вистинско сенародно движење во Унгарија, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
– Вработените во итна помош често ги одработуваат смените облечени во полна заштитна опрема и тешко можат да седнат и да јадат на нормален начин, но колачињата се нешто што можат да си го земат дома, како мала награда од луѓето и семејствата на кои им помагаат – вели Хармт.


Оваа хумана иницијатива е родена во скромна кујна во градот Сентандреа.
– Тоа не е извонредна и совршена кујна и често готвам така што синчето ми е качено на грб – изјавила Естер, а нејзиниот син ја гледал како прави тесто за кифлички со сирење.
Нејзината група на Фејсбук – „Мојата карантинска приказна“, сега има 8.000 члена што разменуваат идеи за рецепти, но не се ограничени само на печење колачиња.
– Периодов имаше и тажни, но и многу убави приказни – изјавила Хармт за еден унгарски медиум додека приготвувала колачиња со цимет за вработените во службата за итна медицинска помош.