Во наредните години Тоскана, познат регион во Италија, ќе се претвори во огромна уметничка галерија, а сликите и скулптурите од галеријата „Уфици“ ќе бидат распоредени на повеќе од 100 места.
Причина за тоа е фактот дека еден од најпознатите светски музеи, фирентинската галерија „Уфици“, долго време едвај ја издржува големата навалица на љубители на уметноста од целиот свет што секојдневно ја посетуваат. Сега одговорните луѓе одлучиле тоа да се направи на спектакуларен начин, со претворање на цела Тоскана во музеј.
Во текот на наредните години сликите и скулптурите од галеријата ќе бидат распоредени на повеќе од сто места во целиот регион, познат по питомата природа и по славните вина.
„Уфици“ е градба што во Фиренца ја изградило семејството Медичи. Во ова здание се сместени разни министерства и државната администрација. Во него од 16 век се наоѓа и уметничката колекција на галеријата, која важи за еден од најпосетените музеи не само во Италија туку и во светот.
Галеријата отсекогаш била голем магнет за туристите, а во наредниот период од сето тоа треба да профитира целиот регион, а тоа е и целта на проектот со работен наслов „Раштркана Уфици“.