„За љубов се пее до крај“ е насловено цедето што ги содржи најголемите хитови на популарниот македонски пејач Влатко Илиевски, кој, за жал, пред две години прерано нѐ напушти, но остави многу зад себе. Тој беше една од најголемите македонски музички ѕвезди, а за време на својата десетгодишна кариера ги освои сите можни фестивалски награди, настапи и на „Евровизија“, а испеа многу песни што сѐ уште се слушаат.
„За љубов се пее до крај“ е некомерцијално издание, чие издавање е одложено поради пандемија на коронавирусот. Првично беше замислено на промоцијата пријателите на Влатко да ги отпеат неговите песни, но оваа замисла по сѐ изгледа ќе почека подобри денови. На цедето, освен насловната „За љубов се пее до крај“, која Влатко ја отпеа со Ристо Самарџиев на „Охрид-фест“, се и песните: „Нека биде по твое“, „Најбогат на свет“, „Со други зборови“, „Среќа“, „И премногу добро“. Колекцијата ја збогатува и темата „Недостигаш“, која во чест на еден од најомилените ликови на македонската забавна музика ја испеаја неговите обожавателки: Елена, Матеа, Викторија и Анастасија. Оваа колекција има ограничен тираж, а издавањето е поттикнато од семејството на Влатко, за сите негови многубројни обожаватели.
Наскоро ќе почне да се пишува и монографијата за златното момче на македонскиот рокенрол, а се работи и на завршување на цеде со неговите нови песни, кое, за жал, тој не го дочека, но неговите почитувачи ќе можат да го слушнат.