На средината на 1960-тите години рок-музиката не беше само мејнстрим-медиум во рамките на поп-културата туку и неповратно се оттргна од дотогаш поставените и владејачки правила и закони на индустријата за забава и фати свој посебен правец. Така пред сѐ израсна во средство на изразување на младите, што со текот на времето стана музика на бунт против владејачкиот естаблишмент. Агресивната експлозивност на рокот се покажа повеќе од деструктивна. Во тој контекст посебно место има британската рок-група „Ху“. Оваа група е дел од големиот квартет на британскиот рок, заедно со „Битлси“, „Ролингстоунси“, „Кингс“. Членовите на „Ху“ почнаа како „Дитоурс“, со соул-репертоар, предводени од Роџер Далтри како пејач и соло-гитара, Питер Таузент, ритам-гитара, Џон Ентвист, бас-гитара, и неколку брзи измени на тапани од различни музичари. За кратко време им се приклучи Кит Мун со своите лудории на тапаните и стана еден од заштитните знаци на групата. Тогаш свират по клубовите во Шепердс Буш, западен Лондон, каде што настапите им се полни со агресивна енергија и посветеност на ритам и блуз-музиката од САД.

Првата плоча „I’m The Face“ ја снимија под ново име „Хај намбрс“. Наскоро го менуваат и тоа име и се нарекуваат „Ху“. Таузент почнува да компонира оригинални песни и наметнува прифаќање модерни текови во рок-музиката, па, така, групата се впушта во сценски спектакли, преку агресивни и динамични настапи, гласна музика и уништување на музичката опрема на крајот од концертите. Сето тоа им овозможи да привлечат публика и интерес од пошироката музичка јавност, што овозможи првите три нивни плочи да се најдат на врвот на топ-листите во Велика Британија, Европа и во САД. Визуелно тие беа многу силни: Кит Мун облечен како силеџија, кој постојано лудуваше на тапаните, Ентвист невообичаено сконцентриран и мирен небаре е статуа, Далтри растрчан по сцената, кој микрофонот го врти во круг околу себе, а Таузент со својата десна рака, вртејќи ја како ветерница, удираше по својата гитара и произведуваше силни акорди. Нивни најсветли точки се песната „My generation“ и рок-операта „Tommy“, а други класици се: „Anyway, Anyhow, Anywere“ (сингл со кој се искачија на 10-то место на британската топ-листа), „Won’t Get Fooled Again“ (песна во која Далтри го изведува најголемиот крик во историјата на рок-музиката), „Substitute“, „Who Are You“ (шпица во серијата „Крајм син инвестигејшн“), „I’m Free“ (ударна песна од концептуалниот албум, кој доживеа и театарска и филмска верзија, рок-операта „Томи“), како и песната „Pinball Wizard“, еден од најкомерцијалните хитови на групата.

Се сеќавам, кога тие станаа славни, ние младите ги сакавме нивното примитивно дивјаштво на сцената и гласната музика што ја свиреа. Кога настапуваа, тоа беше невиден музички урнебес: Мун како да повикуваше на коњички јуриш, гитарските рифови што ги создаваше десницата на Пит ја создаваа неопходната динамика, а криците што ги испушташе Далтри беа посебна приказна за себе. Особено впечатливи и до денес ненадминати. Ја имаа амбицијата на тогашното време – да ги придвижуваат границите и да ги кршат правилата. Сите четворица безброј пати покажаа дека го разбираат значењето на зборот рок. Со своето музицирање брилијантно демонстрираа и покажуваа колку рокот дефинитивно е прашање на состојба на духот. Тие вложуваа огромна енергија во изведбата на песните и се првите никулци на претпанковскиот бес во рок-музиката. Како и да е, ги доживувавме како четири музички лудаци што дадоа немерлив придонес во развојот на рокерската митологија.

Песната „My Generation“ е химна на младите, односно манифест на генерациите од 1960-тите години. Кога креативниот лидер на Ху, Пит Таузент, ја напиша оваа песна, дефинитивно го одвои рокот од поп-музиката. Оваа песна е химна, не само на „модсите“ и генерациите на 1960-тите во Велика Британија туку и вонвременска химна на сите млади и нивните супкултурни движења во поновата историја. Еден од најоригиналните начини на протест е пелтечењето на Роџер Далтри, кое на многу пргав и луциден начин го отсликуваше бунтот против елоквентните снобови од постарите генерации. Препознатливо во оваа песна е и уникатното соло на Џон Ентвист. Некои мислат дека со оваа песна групата им даде легитимитет на насилството и деструкцијата во музиката и уметноста воопшто. Многумина не се согласуваат со оваа констатација, но сите се едногласни дека вечниот судир помеѓу родители и деца со оваа песна доби триминутна химна. Песната стана хит, но и невиден удар во лице на тогашната поп-музика и конечен доказ за непремостливоста на јазот помеѓу генерациите, што се потврдуваше во стихот „Сакам да умрам пред да остарам“. Иако членовите на групата го пееја овој слоган, тие сепак доживеаја песната да ја пеат и цели педесет години потоа. „Ху“ се единствена група што учествувала на трите најголеми рок-фестивали: британски Монтереј, Вудсток во Њујорк и Монтереј во Калифорнија.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)