Хуманитарната организација на познатата манекенка Наоми Кембел е под истрага иницирана од телото за надзор на хуманитарните организации, поради сомневање дека има низа прекршувања на прописите во однос на управувањето со организацијата и нејзините финансии.
Кембел во 2005 г. ја лансира хуманитарната организација „Мода за олеснување“, со цел да им помогне на децата во светот што живеат во сиромаштија, притоа собирајќи милиони долари низ годините за организирање голем број модни ревии, пишува „Гардијан“. Комисијата сега испитува дали Наоми и нејзините соработници ги „исполниле своите законски обврски и одговорности“ анализирајќи дел од плаќањата направени од самата организација.
Според последните пријавени податоци, „Мода за олеснување“ има собрано 1.722.000 фунти до јули 2019 година, главно преку спонзорства. Податоците покажуваат дека дури 1.606.000 фунти од собраните пари биле наменети за организирање модни и хуманитарни настани, односи со јавноста и слични услуги, а само 5.515 фунти всушност биле потрошени за хуманитарни цели.
Хуманитарната организација допрва треба да го објави финансискиот извештај за 2020 година, кој доцни од цели 178 дена, стои во онлајн регистарот на Советот на хуманитарни организации.