Концертот на трипхоп-бендот „Хуверхоник“ е закажан за 29 март, во салата на Македонската филхармонија.

Бендот ќе одржи концерт во Скопје, во рамките на својата балканска турнеја, која исто така ќе биде во организација на продукцијата „Авалон “, и тоа во Загреб, Белград и во Софија.

„Хуверхоник“ e белгиски бенд, основан во 1995 година, кој има зад себе осум студиски албуми, како и неколку компилациски изданија. Кон средината на ноември минатата година, бендот го објави албумот „Looking for stars“, кој содржи единаесет песни, на кои бендот експериментира со повеќе музички жанрови, но сепак останува верен на трипхопот, чија основа преовладува во целиот носач на звук, а исто така наиде и на одлични критики кај музичките рецензенти.

– Публиката во Скопје ќе има ексклузивна можност првпат во живо да ги чуе некои од најголемите хитови што ја обележија кариерата на еден од најголемите трипхоп-бендови на сите времиња, како што се легендарната „Mad about you“, „2 Wicky“, „Eden“, „Winegar and salt“ и уште многу други. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од денеска, а сите информации за цените на билетите ќе бидат објавени утревечер – информираат од „Авалон“.