Кинезите дизајнирале хотел чии гости од удобноста на своите соби може да гледаат поларни мечки. Првиот хотел во светот од ваков вид оваа недела официјално ги отвора вратите за посетителите на Харбин, поларната земја во североисточната кинеска провинција Хејлонгјанг.

Хотелот, вреден 11 милиони фунти, се рекламира како место што обезбедува извонредно искуство, каде што поларни мечки ви се „соседи 24 часа на ден“. Опремен е со вкупно 33 парчиња калено стакло, распределени во сите функционални делови на хотелот.

Поларните мечки може да се видат низ стаклото од која било просторија, каде што посетителите може да го набљудуваат секојдневниот живот на овие диви животни. Сепак, активистите за заштита на животните ги повикаа луѓето да се држат настрана од овој хотел.

– ПЕТА ги поттикнува своите приврзаници да се држат настрана од овој хотел и која било друга институција што има корист од страдањата на животните – апелира потпретседателот на ПЕТА за Азија, Џејсон Бејкер.

Тој објаснува дека поларните мечки се активни до 18 часа на ден во дивината и талкаат по нивните домови, кои се протегаат на илјадници милји, каде што уживаат во реалниот живот.

– Поларните мечки му припаѓаат на Арктикот, а не на зоолошки градини или стаклени аквариуми и, секако, не на хотели. Алчната експлоататорска аквариумска индустрија е изградена врз страдањето на интелигентни, социјални суштества на кои им е ускратено сѐ што е природно и важно за нив – истакна Бејкер.