За многу посетители на Северна Кореја чувството за патување низ времето никогаш не било поживописно отколку кога првпат ќе влезат во својот хотел, пишуваат светските медиуми.

Уникатната архитектура од седумдесеттите години и дизајнот на хотелите во Пјонгјанг, сега се документирани во новата книга што дава ретка можност за увид во културата на Северна Кореја.

Туристичките патувања во Северна Кореја обично се прават со детална организација на службени лица. Туризмот на оваа земја е контролиран од државата, а патниците се под надзор од владини луѓе. Пристапот е дозволен само на „одобрени“ локации, што значи дека сите одат по истата рута.

Но, минатата пролет, австралиските фотографи Џејмс Скалин и Никол Рид поминаа пет ноќи во главниот град Пјонгјанг, посетувајќи 11 меѓународни хотели и ја објавија книгата наречена „Хотелите во Пјонгјанг“.

Скалин, кој по професија е туристички водич, вкупно осум пати патувал во Пјонгјанг. Тој за Би-би-си изјави дека хотелите се обично понеутрални простори, каде што посетителите не се контролираат на ист начин.

Нивната архитектура и ентериер нудат интересен увид во земја која е претежно затворена за остатокот од светот, но сепак прима туристи. Сите севернокорејски хотели ги управува државата, така што речиси никогаш не се брендирани или рекламирани.

– Многу е бизарно, бидејќи сме навикнати на такво нешто. Тоа стана составен дел од нашите животи. Ме предизвика да се запрашам како изгледаше нашата земја пред глобализацијата – вели Скалин, кој ги нарекува овие хотели „зачувани реликвии од минатото“.

Многу од нив се изградени во текот на седудесетите и осумдесетите години од Источна Германија и Советскиот сојуз откако поголемиот дел од градот останал во урнатини по Корејската војна. Овие влијанија се видливи во архитектурата и дизајнот на овие хотели и денес, вели Скалин.

Со оглед на тоа што Северна Кореја е релативно отсечена од остатокот од светот, многумина би очекувале нејзините хотели да бидат празни и напуштени. Меѓутоа, кога Скалин и Рид минатата година го посетија градот откриле дека тоа не е така. Хотелите биле полни со туристи, иако повеќето од нив биле од Кина.

– Нашите фотографии навистина даваат впечаток дека овие хотели се напуштени, но тоа не е точно. Хотелите беа преполни. Кога сте турист во Северна Кореја, се будите во осум наутро и веќе сте во автобусот што ве носи до музеи и споменици. Не смеете да останете да спиете или да престојувате во хотел, бидејќи сте на турнеја со официјален водич. Нашиот проект беше одличен затоа што имавме лични водичи и само се возевме од хотел до хотел – вели Скалин.

Туризмот во Северна Кореја се чинеше дека цвета пред епидемијата ковид-19, се сеќава тој. Се проценува дека околу 100.000 туристи годишно ја посетуваат Северна Кореја, претежно Кинези. Бројот на некинески туристи за истиот период се проценува на помеѓу 8.000 и 10.000.

Скалин откри дека сите кинески туристи што ги сретнал дошле во Северна Кореја дошле од истата причина, бидејќи таа ги потсетува на Кина од седумдесеттите години.

– Со посетата на Северна Кореја, тие практично се враќаат во сопствената историја. Многумина луѓе од Источна Германија, Русија и земјите од поранешниот Источен блок го посетуваат од истите причини. Западњаците како нас доаѓаат затоа што тоа е единствено место што е сосема поинакво – објаснува Скалин.

Хотелите имаат барови, базени и сауни, иако нема безжичен интернет и собна услуга. Покрај тоа, туристичката инфраструктура е стара неколку децении и не е она што повеќето странски туристи би го очекувале.

Иако надворешноста на зградата изгледа круто и еднолично, внатрешноста може да биде шарена, а понекогаш и екстравагантна. Пример за ваквата практика е хотелот „Корио“, кој има просторија за караоке што изгледа како да е пренесена од седумдесеттите години, вели Скалин.

– Интересно е затоа што е во силен контраст со остатокот од земјата. „И интересно е затоа што кога замислувате кој можел да го дизајнира. Бидејќи таа личност веројатно никогаш не била на Запад или во Јапонија, што значи дека оваа необична соба произлегла директно од нејзината фантазија. Мислам дека тогаш тоа е вистински индивидуален израз на креативност што е можен дури и во Северна Кореја, што не е баш најсоодветна држава за креативност – заклучува Скелин.