Додека Холивуд се подготвува да го прослави доделувањето на „оскарите“ в недела, киносалите се обидуваат да ја намамат публиката, која повеќе од една година гледа филмови дома со стриминг.
Некои кина трајно се затворија, додека други се обидуваат да закрепнат и се надеваат дека низа одложени блокбастери ќе создадат враќање на кинопосетителите.
„Ројтерс“ праша неколку актери, режисери, писатели и продуценти како гледаат на иднината на киносалите.
– Мислам дека она што ќе го видиме кога ќе се вратиме во кино е дека филмовите ја слават таа посебна форма на уметност на седење во темна просторија со многу странци и гледање во големо платно со гласен звучен систем, и сето тоа ќе стане пофокусирана и ритуализирана работа. Тоа е единственото место каде што доминира уметноста. Кога гледате нешто на стриминг, другите луѓе во собата со вас можат да интервенираат – да паузираат, да одат во тоалет, да испраќаат пораки, да прават други работи – вели режисерот Џејмс Камерон.
А режисерката Клои Жао истакна:
– За 300 луѓе да се смеат и да плачат истовремено, странци, не само вашето семејство во вашата куќа, тоа е многу моќна работа од која мислам дека никогаш нема да се откажеме. Прашањето е, дали кината навистина ќе бидат таму? Јас всушност повеќе се грижам за оригиналните кина, за оние мали, мали кина во малите градови. Тие се толку убави и се толку важни за заедницата.
Актерката Гал Гадот има оптимистички став.
– Не мислам дека кината исчезнуваат. Мислам дека, исто како и со концертите во живо на кои сите сакаме да одиме, киносалите ни даваат многу поинакво искуство – вели таа.