Во новата тинејџерска трагедија „Метар и половина раздвоени“, еден нов мрзелив тренд продолжува да се потпира на видеоисповеди како начин на откривање информации

Трагичната романса „Метар и половина раздвоени“ навлегува во трендот на плачливи тинејџерски филмови, кој го започна „Вината во нашите ѕвезди“, и го прикажува страдањето на Кол Спраус и Хејли Лу Ричардсон, болни од цистична фиброза, што ги спречува двајцата вљубени да остварат физички контакт. Но филмот, пред да ве натера да плачете, успева да навлезе во иста линија со еден поинаков и многу злобен тренд. Филмот започнува со ликот на Ричардсон, Стела, која снима влог за својот јутјуб-канал, каде што објаснува што всушност е цистична фиброза и го споделува сето емотивно страдање што доаѓа со неа. Креирањето едноставни видеа за нејзините секојдневни маки ѝ нуди можност на Стела, која е врзана за болничкиот кревет, да се чувствува како да има некаква контрола врз својот живот, слично како што романтично спротивниот Вил (Спраус) преку своите цртежи се чувствува малку поживо. Разликата помеѓу овие двајца се состои во тоа што цртежите на Вил прават овој лик да изгледа длабоко, како нешто да се случува во неговиот ум, за разлика од онлајн-дневникот на Стела, кој прави нејзиниот лик да биде сосема рамен.

Сценаристите често зборуваат за тоа колку е важно да се покаже а не каже – секогаш е попривлечно да се види некој како ја демонстрира својата внатрешна состојба, отколку да го чуеме како ни зборува за тоа. Во сценаристичката сатира „Адаптација“ на Чарли Кауфман, мајсторот за сценарио, Роберт Мекки ги предупредува своите ученици за време на својот познат семинар за приказни: „Господ нека ви е на помош ако искористите нарација во вашите дела, пријатели! Господ нека ви е на помош! Тоа е млитаво, неумесно пишување. Секој идиот може да напише нарација за да објасни што му се случува во главата на ликот“.

Влогот е нарацијата на 21 век, физичка пригода што овозможува да му се даде изговор на карактерот да каже сѐ што му се врти во главата наместо да се остават зборовите да лебдат во непросторот. Тоа е патерица на писателот, трик што се обидува да ја оправда мрзеливоста како нешто „модерно“. Главен виновник за тоа останува ланскиот „Осмо одделение“, каде што средношколката Кајла редовно зборува на теми како да се биде свој и самодоверба, преку слободната форма на Јутјуб. Но иако тој филм поттикнува размислување на темата зошто Кајла ги прави тие видеа и какво може да биде опасното влијание на таа самопрезентација врз нејзината млада психа, сепак голем број од тие влогови премногу го откриваат поттекстот на сите сцени и реакциите на Кајла во нив. Како што таа нервозно се појавува на забава на базен, каде што е сигурна дека нема да биде воопшто интересна, така го слушаме нејзиниот глас од видеата на Јутјуб, каде што лажно проповеда за моќта на самодовербата.

Со исто поедноставување се соочува инаку солидниот трилер „Едноставна услуга“ од 2018 г. Ликот Стефани, кој го игра Ана Кендрик, е самопрогласена „мама блогерка“, фатена во драмата на мистериозната Емили, која ја игра Блејк Лајвли. И повторно, Стефани во секоја ситуација се најавува со видеокоментар, кој ја води публиката, опресивен метод на ригидно структурирање. Знаеме дека Стефани е среќна затоа што ни кажува дека е среќна. Знаеме кога е загрижена, затоа што ни кажува дека е загрижена. Но целиот тој концепт не е целосно промашување, и забавната индустрија веќе има докази што го поддржуваат тоа. „Американски вандал“ на Нетфликс имаше подефинирано чувство од многу други за реалната употреба на интернетот од страна на младите генерации и претстави метод за тоа како кажувањето да се претвори во покажување. Добиваме фрагменти од влоговите на школскиот чудак Кевин Меклејн, каде што тестира чаеви, како пример за неговата ексцентричност, публиката учи кој е тој преку гледање на неговото природно однесување, наместо да го чуе тоа.

Во „Метар и половина раздвоени“, видеата на Стела претставуваат филмски обид да се доближи лошата реалити ТВ-конструкција на исповедно интервју, во кое сегментите на „зборувачка глава“ дозволуваат личностите да ги артикулираат своите реакции на она што се случува. Тука се гледа неверојатната претпоставка на глупавост, дека можеби гледачите не се доволно паметни за сами да го сфатат значењето преку она што го гледаат, или дека изглуменото и напишаното не би биле доволно компетентни за да го пренесат тоа значење. Во секој случај, кажувањето приказна стана многу полесно и подосадно кога ликовите имаат оправдување да кажат сѐ што мислат пред нивната камера.

[email protected]