Љубителите на филмот „Зараза“ од 2011 година укажаа на морничави сличности помеѓу епидемијата на коронавирусот со случувањата од овој холивудски филм.
Во трилерот, во кој главните улоги ги играат Мет Дејон и Гвинет Палтроу, мистериозниот вирус убива десетици милиони луѓе низ светот, додека Центарот за контрола и превенција на болеста се обидува да го спречи ширењето на заразата. Еден флешбек во филмот покажува како се појавил фиктивниот вирус, со тоа што лилјак заразува свиња што ја подготвил еден готвач, а кој потоа дошол во контакт со ликот што го глуми Гвинет Палтроу, која станува нулта пациент.

Додека се утврдува како настанал новиот кинески вирус, меѓу главните „осомничени“ се змиите и лилјаците, кои спаѓаат во деликатесите во Кина.
Затоа луѓето велат дека „Зараза“ е мрачно пророчки филм.

– Со години зборував дека „Зараза“ е еден од најстрашните филмови и сега сме тука. Сѐ изгледа морничаво слично – објави на Твитер глумецот и режисер Стивен Форд.
Во филмот има сцени во кои се гледаат празни продавници и паника на улиците, а сето тоа потсетува на она што се случува во Вухан, градот каде што изби заразата.

Филмот, кој го режираше Стивен Содерберг, научната заедница го фалеше за прецизното прикажување на сценариото на пандемија што би имала голем број заразени. За филмот се вели дека е работен по примерот на епидемијата на САРС од 2003 година, а прикажува што би можело да се случи ако тој вирус бил посмртоносен и позаразен. Сега се зголемува стравот од тоа коронавирусот во реалниот живот да биде уште посериозен отколку што се сомневаат стручњаците во моментов. Пазарот во Вухан што продава егзотични живи животни за консумирање, како волци, лисици, стаорци и пауни, е означен како можен епицентар на епидемијата на коронавирусот.

Супата од лилјаци се смета за деликатес во регионот, а овие летачки цицачи се познати носители на сојот на коронавирус.