Пензиониран Холанѓанец се чувствува во одлична психофизичка кондиција и смета дека е дискриминиран според возраста на пазарот на трудот, но и во љубовта, па по судски пат побара да му се ‘отпишат’ две децении и возраста да му се спушти од 69 на 49 години.

Холандското правосудство сѐ уште не се сретнало со таков случај, бизарен, но таков што судиите во Арнхем, на југоистокот на Холандија, ги остави без зборови.

Емил Рателбанд побара во пасошот да му се впише изменетиот датум на раѓање, така што наместо 11 март 1949 година, да стои 11 март 1969 година.

-Се чувствувам млад, силен и мускулест и сакам тоа и законски да ми се признае бидејќи се чувствувам понижен, повреден и старосно дискриминиран – рече пред судиите рателбанд, личен тренер „специјализиран за развој на самосвеста“.

Овој човек пред судот рекол дека неговото барање е еднакво легитимно како и барањата на лицата кои бараат во личните документи да бидат впишани како „трет пол“.

– Денеска можеме да бираме работа, род, политичка и сексуална ориентација. Дури имаме право да го промениме и презимето. Зошто тогаш немамеправо да ја менуваме возраста – ги праша Рателбанд судиите.

Тврди дека и неговиот доктор му констатирал биолошка возраст меѓу 40 и 45 години.

Иако во прв момент кај судиите предизвикал потсмев, Рателбанд денеска верува во тоа дека неговиот адвокат успеал да ги „продрма“ судиите.

– Ова прашање нема преседан и шансите за успех се минимални, но сметаме дека правосудството со тек на времето мора да еволуира – рече јан-хеин Кујпиерс, адвокат на Рателбанд.

Судот во Арнхем правното решение треба да го соопшти за четири недели.