Објавено е последното научно истражување на познатиот теориски физичар и космолог Стивен Хокинг, во врска со неговата работа на објаснувањето за тоа што се случува со информациите кога честичките паѓаат во црни дупки, пренесува британски „Гардијан“. Научниот труд кој се занимава со т.н. „информациски парадокс“, беше завршен неколку дена пред смртта на Хокинг во март. Писмената верзија напишана од неговите колеги од „Харвард“ и од „Кембриџ“ е објавена на Интернет.

Физичарот Малком Пери, кој е коавтор на научниот труд насловен „Ентропија на црната дупка и мека коса“, истакна дека истражувањето на „информацискиот парадокс“ беше „во средиштето на животот“ на Хокинг повеќе од 40 години. 

Научното прашање потекнува уште од Алберт Ајнштајн, кој во рамките на својата работа истакна предвидувања за црните дупки, според кои тие можат да бидат дефинирани според масата, напонот и вртењето. Безмалку 60 години подоцна, Хокинг додаде дека црните дупки имаат и температура. А затоа што честичките губат температура во вселената, црните дупки исчезнуваат. Но, тука се поставува прашањето што се случува со информациите содржани во честичките кога тој ќе влезе во црна дупка.

– Кога ќе фрлите нешто во црна дупка, изгледа дека тоа исчезнува. Како можат информациите во таа честичка да бидат зачувани, ако исчезне и црната дупка – вели Пери.

Научниот труд на Хокинг опишува како информациите делумно можат да бидат зачувани. Физичарите покажаа дека ентропијата на црната дупка може да биде зачувана преку фотоните што ја окружуваат нејзината граница, во моментот кога светлината не може да избега на гравитациската сила. Тие го нарекуваат ваквиот блесок на фотоните „мека коса“.

Физичарите истакнуваат како научното истражување на Хокинг не ги дава сите одговори за ваквите појави, туку е само еден чекор на патот на кој има уште многу работа. На научниците им претстои да откријат како информациите поврзани со ентропијата се зачувани во „меката коса“ и како тие излегуваат кога исчезнува црната дупка.