Кинематограферот Самир Љума, кој заедно со Фејми Даут се потпишаа зад фотографијата во „Медена земја“ и беа наградени од Американската асоцијација на кинематографери, на денешната прес-конференција рече дека во изминативе три недели колку што престојуваат во Холивуд се дружеле со многу филмски ѕвезди.

– Ние допатувавме во Лос Анџелес уште пред три недели заради наградата од Американската асоцијација на кинематографери. Имавме можност непосредно да се дружиме и да разговараме со многу филмски ѕвезди. Ако треба да одвојам некои, најголема поддршка ни даваа актерот Хоакин Феникс, режисерот на „Џокер“, Тод Филипс и кинематограферот на Мартин Скорсезе, Родриго Прието. Откако ќе слегнат впечатоците ќе објавиме фотографии од овие дружби – рече Љума на денешната прес-конференција со целата екипа реализирана со видеојавување од Холивуд.