Актерите Хоакин Феникс и Руни Мара се една од оние славни холивудски двојки што својот љубовен живот сакаат да го чуваат далеку од јавноста. По улогата во филмскиот хит „Џокер“, Феникс насобра огромен број пофалби и комплименти од јавноста, а филмот доби дури единаесет номинации за „оскар“. Но ѕвездите му се наклонети и кога се работи за приватниот живот. И покрај тоа што славниот актер досега беше многу скржав во откривањето детали за својот приватен и љубовен живот, на неодамнешното престижно доделување награди од филмските критичари, тој упати јавна благодарност до својата свршеница, актерката Руни Мара, активирајќи го со светлосна брзина зголемениот интерес на јавноста за нивната љубовна приказна.
Двојката првпат се сретна за време на снимањето на филмот „Таа“, во режија на Спајк Џонс, каде што Мара ја толкува улогата на сопругата. Тој со неколку збора ги опишува нивната судбинска средба и соработка: „Таа е единствената жена што ја пребарував на Интернет. Отпрвин бевме само пријатели што си праќаат мејлови. Додека траеше снимањето, бев убеден дека Мара ме презира, дури по долго време сфатив дека и јас сум ѝ се допаднал нејзе“.

Лани тие се свршија, а нивната свршувачка беше експресно објавена во јавноста, откако актерката од трилогијата „Милениум“ беше забележана со упадлив свршенички прстен на раката. Ниту еден од нив двајцата не бил свршен порано. Инаку, целата 2019 година беше исполнета со активности за славната актерка – во повеќе наврати учествуваше во митинзи за права на животните и протестираше против климатските промени. Таа и Хоакин се долгогодишни вегани. Насмеани и вљубени се појавија и на црвениот килим за време на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што „Џокер“ ја доби наградата за најдобар филм. Рамо до рамо стоеја и на официјалната премиера на филмот во септември минатата година. На меѓународниот фестивал во Торонто, примајќи ја наградата за најдобра машка улога, Феникс изјави: „Само уште нешто – некаде тука, не знам точно каде, се наоѓа еден гнасен змеј. Би сакал да му ги откинам крилјата, да направам ќебе од нив и засекогаш да се завиткам во него. Благодарам, те сакам.“

Неодамна се појавија во прекрасно издание на доделувањето на „златните глобуси“. Круна на вечерта и причина за нови насмевки беше неговата награда за најдобра машка улога во филмскиот хит „Џокер“. В.Б.Н.