Еден од најпрометните аеродроми во светот, лондонски „Хитроу“ ја завршил минатата година со загуба од две милијарди фунти, поради колапсот на воздушниот сообраќај што се должи на мерките за ограничување на патувањета поради пандемијата, пренесуваат светските медиуми.

Извршниот директор на „Хитроу“, Џон Холанд-Каје, рече дека бројот на патници на аеродромот паднал на ниво што не е забележано уште од 70-тите години на минатиот век, и дека состојбата не е подобрена ниту на почетокот на оваа година. Раководството на лондонскиот аеродром бара поголема поддршка од британската влада со цел компанијата да опстане.

Во јануари годинава, „Хитроу“ имал 677.356 патници, во споредба со 6,1 милиони патници во јануари 2020 година. Во текот на целата минатата година, „Хитроу“ имал вкупно 22,1 милиони патници, при што повеќе од половина од нив патувале во првите два месеци од 2020 година, пред затворањето на границите низ Европа.

Вкупните приходи на „Хитроу“ минатата година опаднале за 62 отсто, и покрај фактот што бруто оперативните трошоци  и капитални расходи биле намалени, и собранaта финансиска помош.