Британската јавност е поканета да придонесе за националната колекција на фотографии, обележана како „уникатна временска капсула за иднината“, која ќе им покаже на идните генерации како изгледаше изолирањето за време на ковид-19. Проектот ги охрабрува луѓето да споделат фотографии што прикажуваат како се справуваат тие со карантинот, самоизолацијата и со физичкото дистанцирање.
Десет уметници, вклучувајќи го и Скоти, со седиште во Саутенд, и фотографите Клои Дју Метјус, со седиште во Сент Леонардс, и Корали Дата, со седиште во Лидс, исто така, побараа да учествуваат и тие ќе изработуваат „специјални слики“.

Сто од доставените фотографии ќе бидат внесени во архивата на „Хисторик Ингланд“.
Клаудија Кенјата, директорка на „Хисторик Ингланд“, вели дека проектот е шанса да се „забележи историјата“ и „да се создаде уникатна временска капсула за иднината“ за време на еден од најнеобичните моменти во нашата историја.
– Ние сакаме луѓето да ни ги покажат своите искуства во карантинот, како нивните локални места се трансформираа за нив, како заедниците се здружија и како животот се смени за сите нас. Овие тешки времиња нè охрабруваат сите да паузираме и да размислуваме за односите со околината.

Се надеваме дека овој проект инспирира креативност и размислување, дозволувајќи ѝ на јавноста да создаде уникатна временска капсула за иднината – вели Кенјата.
Конечниот избор на фотографии ќе биде составен од 50 „најевоцирачки, информативни и инспиративни“ фотографии доставени од јавноста и 50 дела од современите уметници, кои ќе бидат каталогизирани од архивата на „Хисторик Ингланд“ и ќе бидат достапни на интернет.