Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“

Припадниците на хипи-движењето, едни музички хроничари ги нарекуваа „генерација вудсток“, а други, пак, „нација вудсток“. Така Еби Хофман објаснувајќи што подразбира под поимот „нација вудсток“, појаснува дека тоа е нација млади луѓе и додава дека ние сите ја носиме со себе како што Сијуксите ја носеле со себе својата нација. Тоа е нација што координацијата и ја спротивставува на компетенцијата, која вели дека луѓето мора да имаат подобар облик на размена отколку што се сопственоста и парите, дека треба да постои некоја друга и поинаква основа на интеракција на луѓето. Според него, вудсток-нацијата се наоѓа во нашата глава во главата на нашите браќа и сестри. Таа не е направена од сопственост и нешто материјално туку од идеи и вредности. Без разлика дали ги поимаме како „нација вудсток“ или нешто друго, тие сепак во нашата перцепција беа, а и сѐ уште се генерација млади со посебен изглед, специфична комуникација, имаа чудни просветлувања, направија сексуална револуција и нераскинливо се поврзани со Вудсток 1969 г.

Уште еднаш да се потсетиме на хипи-изгледот. Главен заштитен знак на хипи-движењето беше долгата коса, дива, разбушавена и лелеава. Таквата коса го претставуваше нивниот бунт, им беше симбол на слобода, но и знак за враќање кон природата. Облеката на хипиците претставува уште еден изразен дел од арсеналот на хипи-стилот. Облеката им се состоеше од тексас-фармерки, цветни кошули, кожени сандали, делови на воена опрема, мноштво шарени детали, беџеви, бисери, и друга најразлична бижутерија. Кожените јакни им беа излижани, а фармерките излитени и скинати. Облеката им служеше за укинување на родовите разлики, па така и момчињата и девојчињата носеа фармерки и долга коса. Хипиците со нивниот изглед говореа дека се деца, а не мажи и жени. Нивниот накит беше правен од природни материјали како дрво, глина, волна, шарени каменчиња, и им служеше како естетски, а не статусен симбол. И покрај тоа што навидум сите слично се облекуваа, сепак, тие сите имаа своја лична автентичност. Беа горди на својот посебен карактер, и на слободното однесување својствено само за нив. Животот на хипиците беше исполнет со најразлични светковини, забави, паради, концерти, и други настани. Нивните прослави се разликуваа од граѓанските стрејт-прослави, бидејќи не се врзуваа ниту за еден од традиционално важните датуми (Ден на независноста, Божиќ и др.). Овие нивни забави немаа строги правила и прописи што мораше да се почитуваат. Во сите нивни настани, елементот на игра имаше пресудна улога и секој од нив имаше доволно простор за слободно и спонтано однесување. Најпознати масовни хипи-манифестации се фестивалите во Вудсток и на островот Вајт. Ниту една генерација до 1960-тите години не успеа наеднаш и супериорно да ја открие својата сексуалност. За хипиците и децата на цвеќето, човечкото тело воопшто не беше табу. На сите страни можеа да се видат голи луѓе што безгрижно уживаат во убавините на природата, дури и сексуални односи во природа беа за нив вообичаена работа.

Славниот фестивал „Вудсток“ истовремено е крешчендо и лебедова песна на хипи-движењето. Тоа беше последен обид да се промени светот. Да се создаде нов, како подобро место за живот, за сите еднакво. Но, Вудсток, вудсток-генерацијата и вудсток-нацијата не издржаа. Можеби се бореа до последниот здив, но битката беше загубена. Ентузијазмот го достигна замор, а заморот предизвика гасење на хипи-движењето. Најголемиот број хипици се уморија од таквиот начин на живот, па така некои се вратија во семејствата, некои станаа успешни политички и граѓански активисти и преминаа во мејнстрим-движењата против кои некогаш најжестоко се бореа. Добар дел отидоа во андерграунд-светот, а имаше и такви што станаа екстремни и терористи. Не беше мал бројот на тие што им се приклучија на верски секти, а некои запливаа и во водите на криминалот. Хипи-движењето во почетокот на 1970-тите години ги напушти големите градови и се повлече во внатрешноста. Тоа значеше нивно дефинитивно маргинализирање, иако и денес постојат селски хипи-комуни во САД и во Европа. Многу теоретичари и аналитичари на хипи-културата се согласуваат дека значајна причина за брзото распаѓање на хипи-движењето беше отсуството на алтернативни економски модели, кои на движењето ќе му обезбедат самоодржливост, стабилност и независност. Токму таа алка што недостигаше е причината за симнувањето на хипи-движењето од светската јавна сцена. Од тие причини „големиот собир“ („Вудсток“, 1969) на хипиците и вљубениците на рокенролот, и покрај сето свое уметничко и културолошко значење, многумина го прогласија како вудсток-утопија. Оние помалобројните (на кои им припаѓа и авторот на овие редови), размислуваат поинаку, дури и денес, по половина век. За нив рокенролот не е само музика, туку и рок-култура со месијански димензии. А хипи-движењето, пак, е движење со масовност како религија, т.е. посебен светоглед и стил на живот. Своето крешчендо овој културен и социјален феномен го доживеа во слоганот „Мир и љубов“. За жал, неговиот крај беше предизвикан од неповрзаноста со светските економски центри на моќ.

Сотир Костов