Песната блика со енергија, го има нашиот препознатлив звук, но и нова свежина. Нејзиното добро прифаќање е голем поттик за нас да продолжиме со подготовките на новиот албум, вели Енис Хаџиќ-Енко, лидерот на бендот

Сѐ уште не стивнуваат коментарите на социјалните мрежи по објавувањето на „Хеј хо“, новата песна на групата „Ласт експедишн“ по цели 22 години. Откако беше објавена на музичката мрежа Јутјуб, песната досега има над 15.000 прегледи. Бендот претходно ја најави на својата фејсбук-страница и го промовира видеозаписот. Музика и текстот се на лидерот Енис Хаџиќ-Енко, а аранжманот го потпишува „Ласт експедишн“. Снимањето, миксот и мастерот се на Мите Димовски. Видеоприказната ја режира Дарко Антоновски, кој е и монтажер на спотот, а камерата е на Горан Наумовски.

Овој алтернативен бенд е оформен во далечната 1985 година, од страна на Енис и Сеад Хаџиќ, Димитар Петров, Огнен Мангаровски и Идриз Амети. Нивната прва објавена песна е „Маршира пропаста“, објавена во 1990 година. Бендот веќе го нарекуваат култен, бидејќи остави голема трага на македонската музичка сцена. Според квалитетот на „Хеј хо“, најдоброто од „Ласт експедишн“ допрва следува.
– Песната блика со енергија, го има нашиот препознатлив звук, но и нова свежина.

Нејзиното добро прифаќање е голем поттик за нас да продолжиме со подготовките на новиот албум. Секојдневно свириме, работиме, а првата средба со публиката оваа година не очекува на 1 јуни во Штип. Одлична е атмосферата меѓу нас, сите сме гладни за свирки, за дружба. Инаку, јас сум автор на „Хеј хо“, но секој член на бендот даде свој белег во конечниот звук. А за ваква малку затскриена промоција се одлучивме, за да го опипапме пулсот на публиката, да не се истрчуваме. Си рековме подобро вака, во случај ништо да не направиме (ха-ха) – вели Енис Хаџиќ-Енко, пејач и лидер на бендот.

Како причина за повлекувањето од музичката сцена на групата, тој го наведува разочарувањето во еден миг од актуелните случувања на ова поле.

– Кај сите нас дојде до извесно разочарување, сите тргнавме по свој пат и приватно и професионално. Но обожавателите не нѐ заборавија, нашите песни сѐ уште живеат, постојано нѐ канеа како гости на концерти, а од лани настапите зачестија. Сега кога по 22 години пак сме заедно звучиме свежо и сакаме да го заокружиме она што досега сме го направиле и да одиме напред. Не сакаме да изгледаме како некои странци што немаат ништо заедничко на сцената – вели Енис Хаџиќ.

Тој ни откри дека „Хеј хо“ се родила на една проба на групата.

– Тоа се случи на крајот од една наша проба лани летото. А како идеја ја имав веќе три-четири години и едноставно морав да ја исфрлам од себе. Седнавме и за 20 минути песната беше готова, многу брзо ја склопивме, секој кажа понекоја идеја и сите имавме чувство дека сме направиле нешто навистина добро – ни откри Енко.

Всушност песната, како што вели тој, е посветена на македонската андерграунд-сцена и на нејзините членови.