Енергетските пијалаци што се продавале во 1920-тите години не содржеле кофеин и таурин, но содржеле радиум. Еден од најозлогласените примери е „радитор“, кој бил рекламиран како „лек за живите мртовци“ и „вечно сонце“

Со Хипократовата заклетва, лекарите се колнат дека нема да им нанесат штета на своите пациенти, но ако навлеземе малку подлабоко во историјата, можеме да бидеме сигурни дека секогаш не се следело ова правило. Од најраните денови на медицината се испробувале голем број начини за да се олеснат болките и здравствените проблеми. За жал, со текот на времето се направени и многу грешки, без луѓето да бидат дури и свесни за бруталните избори направени во медицината. Затоа, може да се каже дека најсуровите настани во некогашната медицина станаа лекција на модерната медицина каква што ја имаме денес.
Ви ги претставуваме некои од најбизарните практики и лекови низ длабоката медицинска историја, кои вклучуваат варварски процедури како што е лоботомијата и чудни напитоци што содржат хероин.

Пушење
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога сè уште не биле познати штетните ефекти на никотинот врз човечкото тело, пушењето не само што се практикувало за рекреативни цели, туку се користело и како медицински третман. Се пропишувало за разни тегоби, а една од нив била, верувале или не, астмата.

Хероин
Првично, хероинот бил откриен за време на обидот да се произведе лек сличен на морфиумот, кој ќе биде помалку моќен и помалку зависен. Сепак, се случило сосема спротивното, се покажало дека хероинот е двојно посилен од самиот морфиум. Во периодот од 1898 до 1910 година, хероинот бил пропишуван за лекување кашлица и други проблеми, како што се несоница и болки во грбот. Меѓутоа, кога сирупите на база на хероин станале причина за една од највисоките стапки на зависност меѓу корисниците, тие биле повлечени од аптеките.

Метамфетамин
Метамфетаминот првпат е синтетизиран од јапонски хемичар во 1893 година. Пред да се земат предвид негативните ефекти на лекот, тој се користел за лекување разни заболувања, како што се нарколепсијата и астмата, а исто така се користел и како лек за слабеење.

Лоботомија
Во почетокот на 20 век, кога методите за лекување ментални болести биле оскудни, била измислена инвазивна постапка наречена лоботомија. И покрај недостигот од докази дека оваа постапка, за време на која се раздвојувале нервните патишта во мозокот, има позитивни ефекти во третманот на болеста, во тоа време лоботомијата станала широко користена. Активната кампања за ефективноста од лоботомијата и ширењето дезинформации во медиумите, натерала многумина да веруваат дека лоботомијата е чудесен лек. Само по неколку години подоцна, процесот бил препознаен како еден од најсрамните и најтрагични настани во историјата на медицината.

Малариотерапија
На почетокот на 20 век, пациентите што страдале од сифилис биле третирани со малариотерапија. При оваа процедура тие намерно биле заразувани со маларија за да им се подигне телесната температура. Високата треска, наводно, била доволна за да ја убие бактеријата што го предизвикала сифилисот. Подоцна се проценило дека околу 15 проценти од оние што биле третирани со малариотерапија починале од маларија.

Железни бели дробови
Пред да се развие ефикасната вакцина во 1950-тите години од минатиот век, епидемијата на детска парализа уништила многу животи. Кога епидемијата го достигна врвот во 1952 година, во САД имало 57.628 заразени. Таа се смета за една од најлошите болести на 20 век. Во тоа време, еден од најефикасните методи осмислен за спасување животи бил и еден од најстрашните. Замислете да не можете да дишете и да бидете ставени во голем метален сандак, каде што морате да останете со недели или дури цел живот. Оваа постапка била наречена „железни бели дробови“ и спасила илјадници луѓе, кои не можеле самостојно да дишат откако мускулите во градите им биле парализирани од полиовирусот.

Испуштање на крвта
Испуштањето на крвта е познато како една од најстарите медицински практики. Постапката била вообичаена во средновековна Европа и се користела за третман на болести како што се сипаници, епилепсија и чума. Дренажата на крв, исто така, се практикувала и во текот на 19 век, а понекогаш се користи и денес. На крајот на 19 век, третманот бил дискредитиран кога лекарите конечно признале дека загубата на крв може да биде ризична и дека нема многу корисни здравствени придобивки. Испуштањето на крвта го става пациентот во ризик од срцев удар, губење премногу крв, а може да предизвика и опасно низок крвен притисок, со можност за инфекција и анемија.

Напиток од радиум
Иако енергетските пијалаци може да се сметаат за нов тренд, тие постојат скоро еден век. И ако мислите дека тие биле многу поздрави во тоа време отколку што се сега, не сте во право. Енергетските пијалаци што се продавале во 1920-тите години не содржеле огромни количества кофеин и таурин, но содржеле радиум. Еден од најозлогласените примери е „радитор“, кој едноставно бил радиум растворен во вода. „Радитор“ бил рекламиран како „лек за живите мртовци“ и „вечно сонце“.