Американскиот актер Харисон Форд уште еднаш ќе ја игра улогата на Индијана Џонс во филмската франшиза на „Дизни“, објавија светските медиуми. Филмот во режија на Џејмс Манголд треба да биде петти и последен за 78-годишниот Форд во улогата на измислениот авантуруст и археолог. Петтото продолжение треба да има своја премиера во јули 2022 година. Во едно интервју од 2013 година, Форд рече дека „сосема е соодветно“ да се врати како Индијана Џонс.

– Видовме како ликот се развива и расте во одреден временски период и тоа е сосема соодветно и во ред е да се врати во нов, одличен филм. За мене беше интересно што ликот има има храброст, мудрост, интелигенција. Иако беше исплашен, сепак успеа да преживее – рече Форд тогаш, нагласувајќи дека Индијана Џонс повеќе не мора да биде човек од акција.

Филмскиот продуцент Френк Маршал неодамна изјави дека нема намера да бара замена за Харисон Форд во култната улога.

– Работиме на сценариото. Има само еден Индијана Џонс, а тоа е Харисон Форд – рекол Маршал.