Експертите за сајбер-безбедност викендов открија дека повеќе од 500 милиони профили на социјалната мрежа Фејсбук биле хакирани. Податоците собрани од хакирањето вклучуваат целосни имиња, дати на раѓање, телефонски броеви и локации на корисниците, пренесува „Си-ен-ен“.

Од „Фејсбук“ изјавија дека масовното протекување на податоците произлегло од проблем од 2019 година, кој оттогаш наводно е поправен. Но, компанијата не презеде чекор што би овозможил корисниците да проверат дали нивните податоци се објавени по протекувањето.

Но, веб-страницата haveibeenpwned.com овозможува проверка преку внесување на адресата од електронската пошта. Иако 533 милиони профили беа вклучени во протекувањето, само 2,5 милиони од нив ја содржат е-поштата во украдените податоци.

Креаторот на веб-страницата, експертот за сајбер-безбедност Трој Хант, на Твитер напиша дека размислува дали во алатките за проверка да бидат додадени и телефонски броеви.

– Примарната вредност на хакираните податоци е нивно поврзување на телефонските броеви со идентитетите. Иако секој запис вклучува телефон, само 2,5 милиони содржеа е-пошта – пишува на веб-страницата на Хант.

Иако податоците се од 2019 година, тие можат да бидат од значајна вредност за хакерите и сајбер-криминалците кои се занимаваат со кражба на идентитети.