Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „Фх3х“ учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на филмот „Мег“, чија премиера беше синоќа во киното „Синеплекс“.

Филмот е снимен според новелата „Мег: Новела на длабок терор“ на Стив Алтен, кој, пак, бил инспириран од приказната за гребенот Мариана што се наоѓа во Пацификот и е најенигматското место во океанот. Таму и го лоцирал дејството за десет метри долгата ајкула мегалодон, која се појавува од најдлабокиот гребен што му е познат на човештвото, длабок повеќе од десет илјади километри, и за палеонтолог што се обидува да ги спречи нападот на ајкулата и нејзиното размножување.

Според Кристијан Даниловски, косопственик на „Фх3х“ и извршен продуцент, на овој проект се работело од април до октомври минатата година и на проектот работеле 80 артисти.

– Филмот доби добри критики како научнофантастичен трилер и летна забава, секако умерена бидејќи е и за деца над 13 години. Заработката не е можеби единственото мерило за квалитетот на филмот, но „Мег“ трипати го надмина буџетот за продукција и досега заработи 315 милиони долари, а во многу земји во светот, меѓу другото и кај нас, допрва му следува премиерата. Во секој случај оцената на визуелните ефекти, она што нас најмногу нѐ интересира, е повеќе од одлична, односно според „Форбс“, се импресивни, и тоа е доволно да нѐ привлече да одиме во кино и да го погледнеме – изјави Даниловски.