Инспирирана од филмот „Ѕвездена капија“, оваа инсталација наречена „Портал“ не дозволува телепортирање од едно до друго место, но наместо тоа нуди поглед на градот од друга земја, оддалечен 600 километри, во реално време. Високотехнолошките портали поставени во Вилнус во Литванија и во Лублин во Полска изгледаат како од филм од научна фантастика. Големиот кружен портал содржи гигантски екрани и камери и дозволува секој што стои пред порталот да ги гледа оние од спротивната страна, кои стојат пред порталот во другата земја во дадено време. И во Вилнус и во Лублин, порталите се поставени во центарот на градот. Тие се наоѓаат веднаш до железничката станица, на централниот градски плоштад.
– Човештвото се соочува со многу потенцијално смртоносни предизвици, од социјална поларизација, климатски промени или економски проблеми. Меѓутоа, ако погледнеме внимателно, една од главните причини е недостигот од емпатија и тесна перцепција на светот, што честопати е ограничено со нашите национални граници – објаснува Бенедикт Гилис, претседател на истоимената фондација и иницијатор на идеја за порталот.
– Затоа, решивме да ја оживееме идејата за порталот – тоа е мост што обединува и повик да се издигнеме над предрасудите и несогласувањата што припаѓаат на минатото. Тоа е повик да се издигнеме над илузиите – вели тој.
Овој футуристички проект треба да биде почнат и во други земји. Жителите на Рејкјавик во Исланд и на Лондон во Англија можат да очекуваат портал во нивните градови во иднина.