Бендот „Фуснота“ почнуваат со работа на крајот на 2001 година како болен сон на панкери што се замислуваат дека се металци ама се растени на мејнстрим, пробувајќи да свират арт-рок, ама премногу навлечени на дисторзија.

На Рок Фест 2004 година го имаат првиот настап, некако стигајќи до финале. Оттогаш па натаму имаат повеќе настапи, главно низ Скопје, понекогаш и некаде низ Македонија, како и на Демофест во Бања Лука. Првиот албум го самоиздаваат во 2010 година, традиција што продолжува и со наредните три досегашни нивни изданија. Моментално работат на нов албум.

Тие ќе настапат на петти април на фестивалот „Андерфест“ во Скопје.

Формирани сте во 2001 година и имате долг стаж зад вас, што ве поттикна да го формирате бендот?

З: Имав во тоа време замислено некој звук што го немав чуено кај некој бенд дотогаш, па си реков ајде да пробам да составам бенд околу тоа. Кога ќе размислам, и до ден денес немам чуено некој бенд да звучи како нас, со тоа што сега знам дека тоа е бидејќи никој нормален не би слушал ваква музика…

И: Не бев член за време на формирањето на бендов, но од прво слушање ми се допадна идеата да учествувам во нешто толку уникатно. На некој начин сите ние се занимаваме со музика главно како хоби и практикуваме по некоја уметност па природно е да проникне нешто од нас.

Дали можете да направите паралела односно да дадете свое видување на алтернативната сцена во периодот кога започнавте да свирите и сцената денес? Што е променето? Дали сѐ уште има публика за ваков вид на музика?

З: Нема некој начин да одговорам на ова прашање што не звучи како да не сум многу стар, најверојатно бидејќи сум. ОК, кога се соочивме со тоа: многу работи се сменети. Како да имаше повеќе свирки низ Македонија, сега претежно е фокусирана сцената во Скопје. Некако како да се ценеа бендовите повеќе, ако свириш во друг град најчесто ти плаќаа превоз. Ние, додуша, не се ценевме самите и се утепавме од свирење во Вулкан каде што ништо не се слушаше на бина а само едно 50 проценти од инструментите ги слушаше публиката. Не беа сите на Фејсбук за така да си ги рекламираш свирките, требаше малку повеќе труд да се вложи, ама од друга страна и медиумите беа поотворени за соработка. Ама ете, времињата се менуваат, во последно време го нема ни Иван Исцелител да искоментира на евентите на Фејсбук. Публика има послабо од порано, но како да се собира полека. И луѓето некако како да почнуваат пак да се интересираат за динамична музика, само морам да признаам дека не знам што мислат сега младите за дисторзија, дали уште ѝ се плашат или пак им е прифатлива.

И: Публиката ја диктира сцената. Мислам дека времињата се исти и секогаш ќе постои некој на кому ќе му се допадне, а некому не. Позитивно е што денес луѓето во секое време имаат пристап до секакви информации. Не се сите луѓе исти, за среќа, и немаат ист вкус и чувство за естетика. Она што ние го правиме, доколку се препознае како квалитет тогаш би ми било многу драго, но и доколку тоа не е така, повторно драго ќе ми биде што сепак некој го слушнал она што имаме да го покажеме и создал сопствено мислење за тоа. Сепак, не правиме комерцијална музика или музика според некои до сега утврдени норми, туку нашата музиката е производ на она што ние го поседуваме во нас, осознаено со нашата перцепција на работите и нормално е дека не може секој да нѐ слуша. Целокупноста на публиката според мене е инертна во овој поглед и обично потребен им е поттик и време да прифатат нешто ново.

Досега имате објавено три албуми, дали можете да ни кажете нешто повеќе за овие ваши изданија и дали планирате издавање на нов албум?

З: Поточно два албуми и две EP-а, но тие две, еве, да ги споиме во еден албум бидејќи беа снимени во иста постава, што не е типично за нас.
Првиот албум го снимивме во студиото „Кај Трајче“, како колекција од сите песни што ги имавме свирено дотогаш. Не му дадовме име бидејќи имињата се за маркетинг, а маркетингот е за тие што имаат некаква заработка од него.
На вториот албум моравме да му дадеме име за да го разликуваме од првиот, и го нарековме „
You Are Empty“ бидејќи ја одразуваше тематската целина на материјалот. Бевме малку поамбициозни и го снимивме инструменталниот дел „Кај Трајче“ а вокалите кај Гени. Спремајќи го тој материјал излегоа некои песни кои испаднаа потесно тематски поврзани меѓу себе, па отидовме пак „Кај Трајче“ за да ги снимиме во едно EP што се вика „Кабал“. Имавме многу амбициозни планови за нареден албум, но имавме и материјал што ќе ни останеше онака и го снимивме кај Гени во EP што го нарековме ЕР бидејќи најверојатно не се сакаме самите. На тој амбициозен албум работиме во моментов. Како и да е, во наши услови не може ништо да се планира, но се надевам дека ќе излезе на површина некаде во наредните десетина години.

И: Се надевам дека нема да ни требаат десет години да го издадеме.

З: Да сме живи и здрави.

Каде сѐ имате настапувано и дали може да издвоите еден настап кој ви останал во најдобро сеќавање?

З: Немаме шетано премногу. Ги свртевме сите клубови во Скопје што примаа авторски бендови од „Вулкан“ натаму (со чесен исклучок на „Shadows“, кој, за жал, го пропуштивме), а од други места имаме свирено во Струга, Прилеп, Миравци и Куманово (кој останува единствениот град што нѐ викнал повеќе од еднаш). Сепак, мислам дека настапот на „Демофест“ во Бања Лука може да се издвои од останатите, ако за ништо друго, тогаш во поглед на организација и гостопримливост.

Во април оваа година ќе настапувате на фестивалот АНДЕРФЕСТ, како дојде до тоа и што мислите за овој тип на фестивал кој е целосно посветен на изведувачи од Македонија?

З: Немаше некоја филозофија тука, нѐ викнаа и прифативме да свириме, како што впрочем правиме секогаш кога спонтано испаѓа за некој датум да сме сите на исто место. Инаку секогаш е добро кога има прилики за настап на македонските изведувачи. Нема доволно места каде што може да се видат, поготово тие што прават авторска музика.

И: Убаво е што се формираат фестивали, тоа значи дека има публика што сака да присуствува на нив. Единствено може на овој начин е да се потрудиме да ја доближиме музиката за подобро да ја „сварат“, а овие фестивали и тоа како допринесуваат за тоа.